Митрик и Самарџиски најавуваат „ослободување“ со втората сезона на аудио-серијалот “ROOMANIA”
Фотограф: Станков Антонио
Предизвикот на клупската култура е да најде начин за опстанок „во живот”, преку прилагодување и промоција на онлајн платформи. Тоа е единствениот начин кој моментално се применува и им дава можност на артистите да се промовираат. Се разбира дека не е ни приближно еднакво со настаните во живо, но од друга страна им отвара нови креативни погледи на промотерите на електронска музика.
Промотерската асоцијација Room 313, која промовира модерна електронска музика, е една од ретките која го прифати новиот предизвик и продолжи да работи на своите цели. Во продолжение, Митрик и Самарџиски за нивниот нов проект.
За аудио-серијалот “Roomania”
Размислувајќи како би се прилагодиле на новото време, дојдовме до идеја за нов проект. Новиот проект на кој работиме го именувавме “Roomania” и е серијал на аудио подкасти, диџеј миксови, во кој низ музичко-тематски сезони селектираме и промовираме соодветно избрани артисти.
Со нашиот микс ја затвораме првата сезона која ја нарековме „Пештера од раце” или “Cave of hands”, во која самиот дизајн и естетика симболизираат временска оддалеченост од живите клупски настани каде физичката блискост на диско подиумот и дигнатите раце беа синоним за добра забава. Во “Roomania”, презентираме еден специфичен електронски звук, едноставен, а сепак комплициран по својата едноставност, кој извира од романската модерна електронска сцена и доби големо признание последните години. Со секој од артистите правиме посебно интервју преку кое ги доближуваме читателите до музиката на артистот и општо до културата која ја презентираме.
Музиката која ја прикачуваме на нашиот Soundcloud профил е бесплатна, со тоа правиме социјален импакт. Секој, колку сака и кога сака може да ги преслушува нашите изданија и да ги споделува на социјалните платформи. Во ова време на предизвици, секој заслужува да има малку простор за забава, (додека сите клубови се затворени) во своите домови и на места кои што се достапни, каде може да се слуша ново издаден квалитетен музички звук.
Сезона 1 – Пештера од раце – Cave of hands
Објавени се сите 5 епизоди од првата сезона, во кои ни гостуваат наши блиски пријатели и соработници и пред се, одлични диџеи.
Во првата епизода, миксот е на DJarto, кој непрекинато следи музички изданија. Неуморен вљубеник на патувањето и често присутен на романските фестивали. Може да се каже дека романските музички изданија ги има од “прва рака”.
Во втората епизода е JosS, многу талентиран диџеј од Битола кој ни сними прекрасен “uplifting” микс.
Третата епизода е дело на Iceberg, доста познат на македонската публика преку неговите радио емисии.
Како четврт гостин, на наша огромна чест го имавме Dimitri Monev, истакнат бугарски продуцент и омилен продуцент меѓу романските суперстар диџеи.
И за затворање на сезоната, како во оваа, така и во наредните сезони, миксовите ќе ги снимаме ние како резидент диџеи.
Форматот на плејлисти на SoundCloud го користиме миксовите да ги подредиме по сезони. Во една плејлиста на платформата soundcloud може да се зачуваат бесконечно многу миксови, но само првите 5 се прикажуваат без да кликнеш „види повеќе”. Со цел подобар преглед, избравме секоја сезона/плејлиста да брои 5 миксови. На овој начин, секој еден микс доаѓа до израз и претходните миксови не заостануваат во промоцијата на новите миксови, напротив, истовремено и старите се слушаат со објавата на секој нов подкаст/микс.
Сезона 2 – Ослободи се – Break away
Артистите се букирани, моментално работиме на графичкиот дизајн и интервјуата. Втората сезона се вика “Break Away” или во превод „Ослободи се”. Концептот и идејата е ослободување, или како што симболизира постерот да се „искорнеме од оковите” на негативни мисли кои ги наметнаа медиумите и општеството, а во кои сме заробени сега. Сето ова ќе помине, но дотогаш мора да живееме слободно во сегашноста, прифаќајќи ја новата „нормалност”.
Музичкиот стил секако ќе соодвествува со името на сезоната и сите миксови ќе бидат жанровски во “Break Beat” стил. Ова е начинот на кој успеваме да се ослободиме и реализираме. Веруваме дека можеме да го пренесеме и на нашата публика. Новата сезона е технички посериозна и поголема, вклучувајќи големи имиња и искусни професионалци во електронската музика.
На 21ви Април, сезоната ќе ја отвори Nairless, продуцент и сопственик на издавачката куќа “Aurore 404”, од Париз, Франција. На 5ти Мај ќе издадеме микс на Марко Настич, добро познат на јавноста, за кој ни е огромна чест што ја прифати нашата покана и се согласи да сними “break beat” микс за “Roomania”.
Заедно со странските артисти, ќе вклучуваме и македонски диџеи кои се сериозни „копачи” на квалитетни изданија. Во оваа сезона, третата епизода ја препуштаме на Berryqyat, диџеј и музичар од Битола, кој исто така има доста интересен избор на “breakbeat” продукции. Четвртата епизода е за уште еден диџеј од Србија, Nemax, актуелен последните години и неговите настапи се широко распространети низ различни држави.
Очекуваме сезона со многу квалитетна електронска музика која со сигурност ќе им донесе уживање на слушателите.
Сопствена платформа Roomania
Ќе откриеме тука. Работиме на вебсајт и радио емисија, кои ќе бидат наши платформи за презентација на сегашни и идни проекти. Со ова темпо брзо ќе завршиме, иако имаме уште многу работа. На сајтот ќе ги има сите информации за аудио-серијалот, а на радио емисијата, која ќе биде во етер на еден од националните радио сервиси, ќе се разговара за артисти и електронска музика
Сите епизоди на вебсајтот се редат како во „сликовница” и таму најдобро ќе може да се погледне идејната слика на нашата визија. Сајтот е поврзан со нашите социјални мрежи и дава лесен пристап до официјалните профили на “Room 313” на Facebook, YouTube, Instagram и Soundcloud. Првичната идеја беше да информира само за епизодите на аудио-серијалот, но, концептот се разгранува и ќе се обидеме да го прошириме во клупски магазин и онлајн продавница со наши дизајнирани парчиња. За да се остварат нашите идеи формиравме тим од креативци кои ни помагаат во реализација. Се надеваме дека со ваква платформа ќе допринесеме во зачувување на клупската култура во Македонија.
Ивент индустрија, здруженија и планови
Дел сме од „Здружението на културни промотери – ЗКП”, од јуни 2020. Членуваат брендови кои се „виновни” за најдобрите настани случени низ Македонија. Здружението се избори за протокол на настани и активно работи кон остварување на неговите цели. Соработуваме и дејствуваме колективно како членови, не само за време на кризата, туку ќе продолжиме и после тоа. Не можеме да откриеме детали во моментов за што се разговара и на што се работи, но штом имаме официјални информации ќе споделиме во некоја наредна прилика.
Иако најдовме начин како да функционираме во моментот, живите настани не можат да се заменат во ниедна форма. Се надеваме за скоро ќе се изнајдат посебни протоколи по кои ќе може да се организираат настани и “Roomania” проектот ќе го доживее својот подем и физичка реализација.
Дотогаш, следете ги социјалните мрежи на “Room 313”, преслушајте ги издадените епизоди и очекувајте нови, возбудливи и модерни електронски изданија.