Интервју - Мирко Попов

I want Skopje to be some type of New York, London, Berlin... A dynamic, colorful, progressive metropolis, full of creative people and modern culture. There are days when I am convinced that this is actually the case.

Автор, продуцент, писател, диџеј и вечен културен архитект на урбано Скопје. Од крајот на седумдесетите започнува да пишува текстови за себе и своите лични архиви, а некаде со почетокот на 90тите, своите пишани дела ги објавува и пее низ своите песни. Со преку 300 композиции во последните 20 години и околу 20тина авторски албуми, Мирко Попов со својата издавачка куќа PMG Recordings (PMGJazz), одржува одлична форма на хиперпродукција на модерна македонска музика во повеќе жанрови. Во неговата лирика може да се забележи една генерална и доста детална опседнатост со градот Скопје, низ времето. Тоа се однесува и на неговото најново издание “Diagnoza”, кое под реден број 18 излезе на 9ти Мај, под етикетата на PMG Tanz Digital. 

Во продолжение, краток разговор со Мирко Попов. Зборуваме за планови со продукциската куќа, неговото најново издание, моменталната ситуација на сцената и идни настани.

Здраво Мирко. Супер што те имаме тука да поразговараме за теми кои се од наш заеднички интерес. Добредојде на Roomania.

Добро Ве најдов, всушност вистинско задоволство е да се биде дел од Roomania. Високо ја ценам вашата работа, со оглед на тоа дека иако многумина се занимаваат, ретко кој се осмелува да пишува и завзема позиции на тема електронска (и воопшто) музика кај нас.

PMG Tanz Digital стигна до своето 18то издание. Која беше идејата за оформување на овој под-бренд на PMG Recordings? Koja е тајната и енергијата позади континуитетот  на овие 18 изданија?

Долго време сакав да започнам лејбл кој ќе биде специјализиран за современа Македонска електронска музика. Пред се за промоција на моите продукциски авантури, но и поради напластениот квалитетен материјал на некои продуценти и пријатели со кои соработувам. Клучен момент беше кога наидов на млад и талентиран соработник во ликот на Андреја Салпе, кој носи нов тип енергија, токму она што е потребно за спој со моето искуство. Континуитет е квалитетот по кој се одвојуваат сериозните актери од случајните минувачи, а нашата енергија и визија се фокусирани на создавање музички став и сериозно наследство.

Дали би можел да одвоиш едно од овие 18 изданија како најдраго. Издание што тебе најмногу ти се допаѓа? Кое е најуспешно издание?

Веројатно последните изданија ми се секогаш најдраги. Сакам да живеам во сегашноста. Минатото е прекрасно, но ако последното издание не ми е подобро од претходните, тешко мене 🙂 хахах… “Диајагноза“, мојот последен сингл, “Оро“, последното од Андреја Салпе, имаме и одлични видеа за овие изданија. Незнам за најуспешно, не е дека премногу продаваме… можеби “Plage de la Ville“ (Italo Beach) на Kanton6 е најпродавано, или некое друго беше… сосем небитно, за нас успехот е квалитетно издание.

Што е за тебе успешно издание? Дали веднаш може да се осети дека “во раце” имаш хит или оставаш времето да покаже, да речеме како што беше Скопјанка, 80ти, Манекенки …

Да ми се допаѓа музиката пред се. Сакам да градам во перспектива, да бидам свесен дека целината која ја создаваат нашите изданија е приказна со правец и кажува нешто за нас, нашето време и нашата работа. Супер е ако испадне хит кој ќе резонира низ времето. Супер е и песна која влага добро во микс, а луѓето реагираат со воодушевување. Битно е песната да е добра. 

Ако прецизно стилски би ги класифицирал своите изданиja, кој би бил стилот на твоите продукции? Дали се држиш според некоја строга форма на својата продукција или екпериментираш низ различни форми?

Она што јас го работам во сите мои проекти (Мирко Попов Квартет, Кантон6, ПМГ Колектив) е некоја игрива комбинација на електроника, поп култура и танц, со мотиви од мојот богат приватен, општествено-политички живот, но и мојата бујна фантазија. Правам музика која со неверојатна леснотија, можат да ја користат интелигентни диск џокеи.

Која е твојата омилена музичка играчка за продукција или омилен VST плагин?

Јас сум природна катастрофа за електротехника и технологија. Да не почнувам, треба книга да напишам колку врска немам во однос на некои други продуценти. Сепак, Мachine на Native Instruments ми помогна да се снајдам во целата приказна со креација на музика. Технологијата се разви до тој степен, да на диносаурус како мене, му е понудена пријателска рака за да си ги реализира идеите. Благодарен сум за тоа. Ја сакам технологијата <3

Посетете го промо настанот на PMG Tanz Digital во клуб 1212, овој Петок!

Многу долго си дел од ноќниот живот. Низ кои фази помина ноќниот живот од твоите почетоци па до сега, низ твојата перспектива? Кои биле клучни моменти на електронската сцена кои ја “разгореле” или помалку уништиле истата?

Ова е прашање на кое детално ќе одговорам во мојата следна книга 🙂 хахах, навистина одговорот на ова прашање се содржи во барем 150 густо куцани страници. Драго ми е што Скопје е многу посветол, позабавен и сериозно побогат со културни настани град, отколку оној пред 35 години, кога почнав да излегувам. Електронската танц култура (читај: техното:) го препороди и го донесе рамо до рамо со некои светски центри. Сето тоа вбризга виталност и енергија во крвотокот на градот. Океј, сега таа сцена е 30тина години стара кај нас и нештата се менуваат, понекогаш и на плошо. Сепак, оганот е распламтен, а суптилните потреби на градската екипа мораат да бидат задоволени. Одиме напред, ќе биде подобро. Мора да биде, а и од самите нас зависи. 

Дали имаме доволно артисти, диџеи, промотери кои ја одржуваат сцената? Како би поттикнале нови креативци да се занимаваат со оваа култура?

Има премногу диџеи дефинитивно, не знам колку од нив се артисти 🙂 Луѓето денес се расфрлаат со значајни зборови и кул фотографии, сакајќи да бидат препознаени како релевантна појава. Ми се допаѓаа амбицијата да се направи нешто креативно, а уште повеќе ми се допаѓа кога ќе видам резултати во континуитет. Без континуитет нема сцена, нема квалитет, нема иднина. Верувам во новите генерации, тие се попаметни од нас. Ене ја најновата културна револуција, чека веднаш позади аголот.

Планови со продукциската куќа, следни изданија? Планови за организација, нови настани/фестивали?

Изданијата нема да престанат. Се надевам на постпандемиска стабилизација на промоцијата на она што го продуцираме. Редовно присуство во Македонските клубови и развој на нашите настапи во живо, што е развиен начин да се преентира музиката која ја креираме. ПМГ Рекордингс Фестивал во октомври и уште неколку специјални настани оваа година, во која одбележувам 30 години диџеј кариера. (Крај)

Мирко, благодарност од нашиот тим што неуморно работиш и се бориш за зачувување на македонската електронска музика. Задржете го истото темпо на изданија со твојот тим и ви посакуваме многу хитови кои надалеку ќе се слушаат и пеат.