dJarto

“Пристапот кон секој микс ми е ист. Мора да има приказна.”

DJarto започнува со својата пасија кон музиката уште од раните 90ти години како радио водител на емисии за електронската музика, подоцна станува основоположник на електронската сцена во Куманово, како и долгогодишен резидент на легендарниот клуб “Линка”. Првобитен заљубеник во прогресивниот хаус, инспириран од посетата на легендарниот клуб “Twilo” во ‘98ма година, низ годините константно го менува својот музички стил, кој во последните години се рафинира во groovy/minimal/dub techno. Techno-tourist, globe-trotter, во постојана потрага по нов фестивал, успеа да има настапи на “Burning Man” две години по ред. Заљубеник во звукот од винил, во Македонија е дел од протмотерската група “Хауз”.

 

 

Во продолжение, преслушајте го пилот миксот на Roomania и прочитајте го разговорот со Игор Џартовски.

Roomania: Здраво DJarto. За разлика од сите други миксови кои ни стигнуваат по наша покана,  твојот микс за “Roomania” е посебен бидејќи ни го испрати во точен момент по кој започнавме со серијал на аудио подкасти кои го дефинираат брендот “Roomania”. Која беше инспирацијата да го снимиш овој сет и зошто ги одбра “Room 313” за промовирање на истиот?

Тука имаме една мала ангедота, нели? Миксот беше инспириран од премногу добра музика која заради пандемијата остана “неиспуштана“ на некој подиум, па сето тоа беше преточено во микс кој дефинитивно не сакав да го ставам на мојот личен “Soundcloud” профил, па всушност миксот одлично се вклопи во тајмингот на “Room 313” да започне нешто ново. И ете ги почетоците на новиот концепт “Roomania”.

Roomania: Во почетоците на твоето музичко патување се појавуваш како водител на радио емисии. Раскажи ни нешто повеќе околу тоа? Што те инспирираше да бидеш радио водител?

Во раните 90ти години радиото беше моќен медиум, затоа што едноставно кажано, не постоеше интернет. Музиката ја собираваме по касети, нешто малку винил и цедеа. Затоа го оформив концептот “Техноманиjа”, кој се емитираше на неколку Кумановски приватни радија низ годините каде што ја презентирав (во тоа време техно) музиката, со посебен акцент на едукација на помладите слушатели. Музиката сама по себе понекогаш не е доволна, ако не се знае позадината на артистите, продуцентите и бендовите. Во секоја емисија раскажував некоја приказна за бенд, продуцент и музички правец. Бев ентузијаст и сериозно се спремав за секое издание. Сето тоа мислам дека дефинитивно имаше врска со развивањето на скромната сцена која ја направивме во Куманово, која подоцна се разви одлично и парираше на сцената во главниот град. 

Roomania: “Линка” е место кое ги одбележува твоите диџеј почетоци. Како се случи да бидеш дел од таа приказна? Каква култура презентираше “Линка”?

Клубот “Линка” беше едно прекрасно место, и кој дошол во Куманово “на искачање“ во тие години, обавезно завршил таму, а многу луѓе од Скопје специјално доаѓаа на журки таму. Во тие години немаше баш многу рестрикции од било кој аспект и тоа придонесуваше да се роди една посебна култура, на пример, луѓето едноставно не сакаа да си одат дома, па следеше афтер. Тој момент, едвај да го чекаш викендот каде што знаеш дека нема да има промашување, такво нешто веќе не постои. Клубот имаше посебна енергија и се почна онака случајно, секако со големата пасија на браќата сопственици на клубот со кои сум другар многу одамна. Од тој клуб излегоа многу ентузијасти и морам да кажам дека во златните години на Скопскиот клабинг, Кумановците беа секогаш во првите борбени редови ;). Кој бил, знае.

DJarto live @ Smirnoff Boat Party, Ohrid

Roomania: Водејќи се по прогресијата на твојот музички вкус, можеме да кажеме дека не се задржуваш предолго на одреден стил. Како се одвиваше твојата музичка еволуција? Какви беа твоите почетоци и какви музички изданија го задржуваат твоето внимание сега?

Во 90тите години бев огромен фан на “progressive” звукот. Навистина бев еден од најголемите фанови на “DJ Sasha” и “John Digweed”. Како “life-changing еxperience”, ми беше посетата на легендарниот клуб “Twilo” во “NYC” и “10/15 Folsom” во Сан Франциско во далечната 98ма година. По тие две забави Sasha го издаде миксот за “Global Underground”, San Francisco, еден од најепските миксови кој го слушам и ден денес. Во годините што следеа музиката беше толку револуционерна и свежа што просто впивав се што ќе ми дојдеше на уво. Но, мора да има едно правило, музиката треба да има емоции и мелодија. Никогаш не можев да го укапирам тврдиот техно звук, и прогресијата која се деси кон тој некој по минималистички звук, пак мора да има мелодија, текстура и грув. Тоа се моите правила за добра електронска музика. Денес има многу изданија кои се вклопуваат во тој музички вкус, го обожавам францискиот минимал звук, артистите “Janeret”, “Miroloja”… “Bandcamp” стана можеби најглавниот извор на одлична музика, и пак приматот го држат романските продуценти како “Mihai Pol”, “Cosmjn”, “RQZ”, “Vern”, “Sublee”, “Costin RP”… Листата нема крај.

Roomania: Епитетот “globe-trotter” најдобро те опишува. Од каде се појави љубовта за твоите светски авантури? Кои би ги оддвоил како омилени патувања? Зошто?

Постојат две страни на патувањата. Globe-trotting што за мене лично е поадекватен збор од неизбежното денешно travel инфлуенсерство. Патувањата се исклучиво за мое лично доживување и евентуално презентирање на понекоја фотографија ама од фотографскиот аспект (Djarto на Instagram).

Но, постои и друг аспект на патувањата како techno-tourist, и имам голем круг на пријатели низ светот кои патувањата ги врзуваат со посета на некој фестивал и секогаш се во потрага по некое ново клаберско доживување. Од посебни дестинации би ги издвоил првите неколку години од фестивалот BPM во Мексико, првите години од фестивалот Day Zero во Тулум, фестивалот Fusion, а една од неостварените дестинации ми е опскурниот фестивал Garbitz во Полска.

фотографија: Sunwaves Festival, Mamaia (Romania)

Roomania: Како чест посетител на Романските фестивали и голем фан на Романскиот минимал стил, може да се каже дека Романските музички изданија лесно стигнуваат до тебе. Дали е лесно да се стекнат пријателства на музички настан од тој ранг, по тоа што сите присуствуваат со една цел, а тоа е добра музика?

Во 2011та година бевме едни од ретките кои биле на фестивал во Романија, кога немало буквално еден странец таму и кога локалците се чудеа што тепаме толкав пат за да се журкаме во “Mamaia”. Веднаш им станавме интересни и остваривме добра конекција. Во рок од неколку години таа сцена едноставно експлодира, што од аспект на музиката која се издава, што од аспект на огромната база на следбеници, кои освен од Романија, ги има веќе од целиот свет. Се почна од еден мал скромен шатор кај што локалните диџеи пуштаа музика, за да набргу тој шатор се прошири до ниво каде што сега е всушнот главниот стејџ на легендарниот фестивал  “Sunwaves”. Да се стекне пријателство и да се воспостават контакти е многу спонтано, сите тие луѓе се многу едноставни, и покрај големиот успех во последните години се уште имаат огромна доза на скромност и благодарност за она што го работат. 

Roomania: Каква е атмосферата на фестивалите низ Европа? Од звук, до организација и публика, која е споредбата со настаните кои се одржуваат кај нас? Дали сме на добар пат или треба уште многу да работиме да ги стигнеме фестивалите кои го промовираат овој звук?

Не можам да се пофалам дека сме на добар пат. Како прво, ние и немаме некои специјализирани фестивали (освен спорадичните Green Beach, Taksirat, D Festival…), затоа што немаме ни специјализирана публика која ужива во некој поспецифичен звук. Кај нас постои повеќе ривалство помеѓу промотерите, наместо соработка. Во минатото мислам дека ги пропуштивме шансите за раѓање и етаблирање на некој сериозен бренд од фестивал кој ќе привлече и регионална публика.

Квалитетниот звук за овој тип на музика е можеби единствениот најважен фактор за добар фестивал. На Романските фестивали исклучиво се инсталира “Function One” систем, кој дава врвно сонично доживување кое треба да се чуе, за да се осети. Тука нема компромиси. За жал, кај нас на звукот секогаш се штедело од старт, секогаш се мислело на некој краткорочен профит, и склоп од сите тие фактори не може да влијаат позитивно врз градење на една база на публика, без разлика за каков тип на музика се работи. Да се надеваме дека некои нови клинци ќе ги сменат работите кога ќе отпочне пост-пандемискиот рестарт.

cof

фотографии: Day Zero Festival, Tulum (Mexico)

Roomania:  Дали патувањата низ светот влијаат на твојот музички вкус? 

Зависи од дестинацијата. Можеби не толку директно, но на многу од дестинациите се трудам да ја пронајдам “нашата сцена“, било тоа да се работи за некое мало клубче во Medellin, Colombia, дискотека во Ho-Chi Minh која за прв пат почнува да промовира некаков електронски звук или локално интернет радио во Sao Paulo кое негува минимал звук. Јужна Америка е добра дестинација за секаков тип на музичка инспирација, затоа што луѓето таму едноставно премногу го сакаат ритамот.

Roomania: Покрај твоите светски патувања, не можеме да не прокоментираме за искуството на “Burning Man”, Невада, САД. Колку пати си присуствувал на овој фестивал?  Како се случи твојот настап на “Burning Man”?  Раскажи ни на кратко за ова и долови ги емоциите кои те поврзуваат со овој настан?

Со социјалните мрежи, веројатно нема кој што не слушнал за “Burning Man”, на кој бев два пати во 2015/16та година. Настапите ми беа по различните кампови и таму претежно се слуша и пушта поразлична музика од ова што ние го промовираме и пуштаме сега. Дури на некој чуден начин, тоа можеби и ја убрза мојата музичка транзиција кон минимал звукот. Можеби тие настапи ми дадоа сигнал дека музички стагнирам и веќе не уживам во тој “deep/ethno/melodic house” звук, кој таму дури и претерано е застапен. Од овој аспект, сега после 5 години, би кажал дека е време за еден “Minimal Camp” на “Burning Man”.

фотографија: Burning Man Festival, Nevada

Roomania: Откако почна светското лудило, се постави забрана за патување. Како ја доживеа оваа вест? Како го искористи слободното време кое го нанесе пандемијата? 

Почетокот на пандемијата беше шок за сите нас. Јас се вратив од едно долго патување две недели пред да не затворат, па немав проблем да поседам малку дома. Од музички аспект, изолацијата имаше доста негативно влијание врз мене. Да се разбереме, музиката која ја негуваме, местото и е во темни мали клубови со фокусирана публика. Колку и да ја пуштам “по дома“, можеби ќе ме одржува во некоја форма, но не за долго. Ако нема публика пред тебе, ако нема размена на енергија, тогаш имаме проблем. Единствено што се надевам, е дека ќе се деси некој рестарт на целата клубска сцена после сето ова, луѓето веќе нема да ги земаат работите здраво за готово, ќе сакаат да го искористат секој момент на слобода и ќе сакаат да играат. На тоа размислувам додека преслушувам или миксам музика по дома.

Roomania: Колекционер си на плочи. Колку брои твојата колекција? Има некои кои би ги издвоил како посебни?

Винилот се враќа на голема врата, и моето колекционерство се дели на два циклуси. Првиот беше со набавка на моите први грамофони во 90тите години и купување на првите плочи, претежно од првата (и веројатно единствена од таков вид) продавница за плочи во Скопје, “Massiva Music”, на мојот драг пријател Жани Митревски aka “DJ Pass-n-g-r”.  Обновувањето на мојата пасија за винилот во последните пет години е затоа што минимал музиката е точно погодена за овој формат и излегуваат голем број на изданија што ме интересираат. Мојата колекција брои околу 500 плочи, а слободно можам да кажам дека месечната нарачка винил, покрај сметките, е редовна ставка во моето домаќинство :).

Roomania: Нашата цел во промовирањето на миксовите кои ги објавуваме е претходните изданија да не заостануваат со новите. Истовремено да се промовираат, што може да се потврди со твојот микс како прв и кој има многу преслушувања. За крај, како би го опишал твојот микс за “Roomania”?

Пристапот кон секој микс ми е ист. Мора да има приказна. А секоја приказна има вовед, па расказот треба да добие на темпо, евентуално да се деси некоја кулминација, па полека спуштање за крај. Не сакам редење на една трака позади друга, монотоно возење 60-70 минути без емоции. Не сакам “лупање“ цело време. Микс за слушање и сет во клуб не би требало да се исти. Мелодија, вокал, брејк, грув, текстура и една синусоида од почеток до крај. Тоа би бил мојот рецепт за добар микс.

 

Во продолжение може да ги преслушате сите објавени епизоди од првата сезонаПештера од раце“.

Ти благодариме што си дел од „Roomania“. Се надеваме дека откако ќе заврши ова лудило, ќе можеме да танцуваме заедно.

Повеќе информации за аудио серијалот ”Roomania”, како и преслушување на претходни и следни епизоди може да следите на Soundcloud профилот на Roomania и социјалните мрежи на Room 313.

Прочитајте ги сите интервјуа за Roomania >>

Автор:

Александар Митрик

Главен и одговорен уредник

Автор:

Александар Самарџиски

Главен и одговорен уредник