Лола Палмер

Длабоките звуци и хаус грувот секогаш ме излудуваат и сакам да им ја покажам на луѓето убавината во тоа!

фото: Sukru

фото: Sukru

Позната по своите беспрекорни селекции, кои ги споделува низ целиот свет во последните две децении, Лола Палмер многумина ја сметаат за една од најдобрите европски селектори за длабоко техно.

Нејзината постојана продукција на онлајн диџеј-миксови ѝ донесе импресивна бројка на следбеници преку каналите како што се RTS.FM и MixCult – собирајќи до 270.000 преслушувања по микс. По соработката со продуценти како Тери Ли Браун Џуниор, Лола Палмер го продолжува своето музичко патување со изданија на Mixcult и дебитантска плоча, EP, на добро ценетата издавачка куќа BERG AUDIO, со ремикси од омилените на сцената, Џенерет, Прику и Дину.

Нема сомнение дека Лола Палмер е само на почетокот на нејзиниот уметнички пат, а следат многу возбудливи вести во нејзината кариера.

Следно, додека го слушате фантастичниот подкаст за Berg Audio, прочитајте го интервјуто што го направивме со Лола Палмер.

Здраво Лола и добредојде на Roomania.mk. За почеток, да се навратиме малку назад на почетоците. Како започна твојата љубовна врска со електронската музика?

     Најпрво, Ви благодарам многу што ме поканивте во Скопје, среќна сум и почестена што сум ваш гостин на 2-годишнината од вашата платформа. Знаете, грувот ми беше во крвта од детството и мојата љубовна врска со музиката очигледно нема да заврши, веројатно е за цел живот. Верувам дека музиката ми даде повеќе од која било врска, и сум многу благодарна за тоа! Почнав да пуштам музика на училишни забави со касети и постепено се разви во клубски свирки околу 2006 година, тогаш сето тоа стана професионално.

Несомнено, мајстор си за длабоки звуци. Сигурно имаш истражувано различни музички стилови пред да стигнеш до ова. Дали тоа беше постепена транзиција или нешто што секогаш се трудеше да го произнесеш на звучниот систем?

       Мојата најголема инспирација кога почнав да пуштам музика беше “The Timewriter” и етикетата Plastic City. Тој беше идол и голем пример за мене. Кога го сретнав лично и му ја кажав приказната како се инспирирав од него и неговата музика, како направив два мои сопствени серијали на подкаст “White Deepness’ и ‘Direct flight’ (што можете да ги најдете на мојот Soundcloud) посветен на овој звук, и како сакав да бидам „The Timewriter in a dress“ тој рече: „Лола, ти благодарам за твоите убави зборови, но нема потреба да се ограничуваш на тоа да бидеш јас во фустан. Имаш свој прекрасен стил и горд сум на тебе!“ Тие зборови ми го разнесоа умот. Никогаш не би пуштала музика што навистина не ја чувствувам. Длабокиот звук и хаус грувот секогаш ме излудуваат и сакам да им ја покажам на луѓето убавината во тоа!

Длабокиот звук и хаус грувот секогаш ме излудуваат и сакам да им ја покажам на луѓето убавината во тоа!

Кои изданија ти привлекуваат уво? Што треба да има едно музичко дело за да „го ставиш во кошничка“?

    Грув, чувства и позитивна енергија. Не сакам агресивна музика. Секогаш го градам мојот сет со бранови на грув и атмосферски траки.

Кои се твоите размислувања за музичките стилови и дали мислиш дека тие влијаат на начинот на изразување на уметникот?

    Секогаш ќе бидам лојална на класичната хаус музика. За мене, да го пронајдете сопствениот стил е како да го пронајдете своето вистинско јас. Штом го направите тоа, засекогаш ќе ја најдете вашата публика ако сте искрени и лојални на она што навистина го сакате. Не правете вештачки избори за да се „вклопите“ во било што.

Продуцентот и диџејот се две многу различни професии. Како се чувствуваш за овие две професии? Која најмногу ти одговара? Дали треба да продуцираш своја музика за да успееш како диџеј?

     Како што кажавте, тоа се две различни професии. Јас сум диџеј, сакам да раскажувам приказни кога ги градам сетовите, сакам да гледам среќни очи на подиумот, сакам да танцувам со толпата и да бидам на сцената. Продукцијата е на второ место и секогаш ќе остане така за мене! Деновиве се чувствувам како да треба да го имате целиот пакет – продукција, диџејство, видеа, социјални медиуми итн… за да имате дури и мала шанса да успеете. Значи, може да биде прилично тешко за некој што започнува со оваа професија, чекајќи само со пуштање музика, да биде забележан во оваа огромна количина на информации и содржини што постојано ни се фрлаат пред очи.

Кои се некои од твоите омилени играчки во однос на музичката продукција? Дали си повеќе за хардвер или софтвер?

     Само софтвер. Се трудам да го извадам најдоброто во просторија која не е идеална за продукција, во најмала рака, хаха… Така, најчесто со слушалки и затоа спомнав во едно претходно интервју дека од време на време добивам помош за финална доработка на трака, за да бидам сигурна дека звучи правилно на големо озвучување.

Низ годините имаш настапувано на многу фестивали и клубови. Кое место би го издвоила како омилено? Какви настани најмногу влијаат на уметниците (во однос на искуството во настапувањето) и кои настапи ги „надградуваат“?

     Моментално, моите омилени места се Tanzhaus West во Франкфурт, Lost Beach Club во Еквадор, како и Shelter & Thuishaven во Амстердам. Патувањето сам е „надградба“ за мене, тоа е инспиративно и целосно ме отсекува од мојата „нормална“ рутина. Одличен звучен систем, светла и дружба со фановите се исто така ценети и драги.

фото: Chris Nesterova

Каде се чувствуваш поудобно, додека настапуваш во клуб или на голем фестивал?

     Тоа се апсолутно различни енергии. Се чувствувам поудобно во клуб, каде што можеш подобро да ја доживееш публиката отколку на масивна сцена, каде понекогаш може да биде напорно да разбереш во која насока да се движиш.

Животот како диџеј кој постојано патува не е секогаш она што другите го гледаат. Можеш ли да споделиш нешто на оваа тема? Нешто што луѓето не знаат? Како изгледа животот „зад сцената“?

     Повеќето луѓе мислат дека е само забава, но не секогаш е така. Да се ​​биде на пат постојано може да биде многу исцрпувачки – откажан лет, доцнење, недоволно спиење. Мора да бидете секогаш фокусирани кога настапувате. Го балансирам својот живот. Тренирам многу, не пијам многу алкохол, не јадам месо и брза храна. Многу сум дисциплинирана како личност и тоа е мое секојдневие.

Како изгледа следното поглавје во книгата на Лола Палмер?

Во моментов се чувствувам како во ново ниво. Особено кога настапувам на иста сцена со моите омилени диџеи и продуценти кои ме инспирираат речиси секој викенд! Повеќе настапи, повеќе музика, повеќе турнеи со сигурни и амбициозни цели.

Конечно, ова е твоја прва посета на Скопје. Што може да очекува нашата публика од тебе?

Лично, никогаш немам очекувања, сакам да бидам изненадена и се надевам дека и вашата публика ќе биде отворена за тоа! 🙂

Настанот ќе биде во клуб Епицентар (Скопје), на 18ти Март 2023 година. Влезниците може да се набават на самиот влез во клубот, по цена од МКД400 до 01:00, МКД500 после 01:00.