Интервју - Iceberg

“Жанровски микс од deep tech и break, а се тоа во стил наречен роминимал.”

    Новата епизода од аудио серијалот на диџеј миксови “Roomania”, се надоврзува  на претходните епизоди од сезоната насловена “Cave of hands”, на платформата SoundCloud. ”Cave of hands” или ”Пештера од раце”,  ја симболизира временската оддалеченост од живите клупски настани каде дружбата, конекцијата и танцувањето беа неопходни за добра забава. Во новата епизода гостин е DJ Iceberg.

Iceberg е македонски диџеј кој во својата кариера го делел пултот со реномирани светски имиња. Со хаус музиката се конектира во раните 90ти години и непрестано е во потрага на продлабочување на неговиот стил. Со инспирација за неговите динамични сетови се стекнува од Романската сцена, што го прави соодветен гостин за “Roomania” подкастите. Препознатлив е по својата етикета “Artefact Records” и по неговата радио емисија „Departures“, која 8 години вртеше на Клуб ФМ. 

Roomania: Здраво Iceberg, добредојде на Roomania. Подолг период се занимаваш со диџејство, па за почеток би те прашал: Што е тоа што те привлече кон звук/музика и ти го даде “еурека” моментот? Според тебе, која е моќта на музиката?

Пред сѐ здраво. Фала ви на поканата, драго ми е што можам да се претставам со свој микс во вашиот нов проект “Roomania”. Што се однесува до “еурека” моментот, кај мене тоа се појави од мали нозе, без музика немало шанси да ме успијат. Тоа е така и до ден денес. Музиката е навистина моќна алатка и ако добро ја познавате и разбирате, со неа ќе успеете да уживате на посебен начин. Има својство на лек.

Roomania: Кои беа најголемите предизвици и цели во твоите почетоци како диџеј и што е сменето со текот на времето?

Немав некои посебни цели, освен желба да споделувам музика со луѓе кои би уживале во она што сакам да го презентирам и да ги гледам како уживаат во ритамот.  Многу е сменето од моите почетоци до сега. Тогаш “товарени” со плочи и грамофони, но полни со ентузијазам за она што следува во претстојната вечер. Со полн елан одевме на журките. Пред сѐ тогаш имаше публика што сака да слушне и ужива. Денес многу поретко се дружиме со винилите и грамофоните, слушалките и еден HDD или USB во џеб и одиш на настап, каде многу  е мал процентот на тие луѓе  што доаѓаат да слушнат да се внесат и уживаат. Повеќе се со модерните играчки во рака и ја нема таа енергија, но тоа е таа нова реалност, која и како таква многу ни фали во овие периоди откако не зафати светсково лудило кое не оддалечи од дружењето и убавината која ни ја дава музиката.

Roomania: Како изгледа твојата припрема за настап? Како го градиш својот диџеј сет?

Порано селектирав стотина плочи и се надевав дека е правиот избор за да истераме убави 3-4 часа, да биде успешна журката. Денеска, како што кажав, со дигитализацијата многу нешта се поедноставни. На едно USB можеш да снимиш 200-300 траки и имаш поширок избор за да се претставиш на публиката. Не сум од оние кои строго се држи до “својот” стил, повеќе сакам да се пронајдеме со публиката и да уживаме, секако не по секоја цена и не комерцијална музика. Човек треба да сака да слушне некој што ќе му пушти нешто ново, а не нешто што секој ден може да го слушне по неколку пати, дали на работа, дали во кола или на ТВ.

Roomania: Доколку замижиш и се транспортираш на твојот омилен настап низ годините, кој би бил тој настап и зошто?

Има многу стварно, но сепак ќе издвојам еден мој стварно драг настап во далечната 2006та. За прв пат надвор од Македонија, имав настап во едно реномирано и култно место во Нови Сад – “Градилиште”. За жал, сега не постои. Место каде многу афирмирани светски имиња настапувале, па тоа ми беше и предизвик за да се претставам најдобро. Ме поканија група ентузијасти – “Контроверс банда”, и се случи луда журка, од полноќ до раните утрински часови. Преполно “Градилиште” со луѓе кои уживаа цела вечер. Тоа не се заврши таму, само по себе се наметна афтер во друг клуб. Лудо и незаборавно.

Roomania: Често присуствуваш на романските фестивали. Која е разликата од енергијата таму и настаните кај нас?

Од 2012та па наваму не промашив ниту еден. Првично “Sunwaves”, а од пред неколку години и “Mioritmic”, едни од водечките фестивали во Романија, а со сигурност и во Европа. Одлична организација, одличен звук и супер избор на диџеи. Фестивалска програма која се знае кога почнува, а кога ќе заврши е веќе прашање. Одличната музика не престанува. Публиката е со убава енергија и пред сѐ со одличен однос кон артистите и меѓу самите себе. Танцуваат во занес како ретко каде, енергијата кај луѓето на неколкуте подиуми не застанува, музиката плени. Кој бил знае за што зборувам. Тоа тука не се случило. Далеку сме и организациски и ентузијастички.

Roomania: Priku или Raresh? 

Raresh дефинитивно – различен и позитивен.

Roomania: На кој продуцент би му купил плоча без да ја слушнеш?

Silat Beksi, Traumer.. има повеќе.

Roomania: Повеќето уметници поминуваат низ фаза на учење и имитирање. Каков е твојот развој како уметник? Која е врската помеѓу копирање, учење и своја креативност?

Фазите се менуваат со искуството – на почеток пратиш кој што пушта. Со време си доаѓа искуство и тоа што сакаш и како сакаш да пушташ музика. Се менува и стилот. Тоа што можеби ќе пушташ музика која ја пушта и некој друг диџеј, не значи и дека копираш. По мене тоа значи дека имате ист вкус. Умешноста како ќе ја испушташ музиката е многу битна, да ја истакнеш и покажеш сета своја креативност, како технички така и со добар избор на музика, за забавата да се развие како што треба.

Roomania: Како би ја опишал твојата етикета “Artefact Records”?

“Artefact” е плод на долгогодишно присуство во музиката, како и долгогодишно пријателство со Кристијан (House sound of Skopje). Се случи преку ноќ, на седенка се замуабетивме и сфативме дека сакаме да правиме нешто за да допринесеме и помогнеме на помладите нови артисти кај нас и на Балканот. Сакавме да промовираме артисти кои творат, а сепак немаат доволно искуство и контакти за да можат да ја пласираат својата продукција на некои од дигиталните онлајн продавници. Не се врзуваме стилски, издаваме сѐ што е електронска музика, а мислиме дека има квалитет и вреди да се спакува и пласира, како би можела да допре до уживателите на истата ширум светот.

Roomania: Доколку би можел да “заглавиш” во една година во музичката сцена, која би била таа?

Тешко дека може да се сведе на година, ама со сигурност период од 1997ма-98ма до 2005та година, кога всушност почна да зема замав електронската музика  кај нас и со голем ентузијазам се уживаше по одредени локали.

Roomania: За крај, како би го опишал твојот микс за “Roomania”? Зошто слушателите треба да го слушнат овој микс?

Би го опишал како ‘late night action’, бидејќи го правев во раните утрински часови. Изобилува со многу нова, но и постара музика која секогаш сакам да ја протнувам во своите сетови. Жанровски микс од deep tech и break, а сѐ тоа во стил наречен роминимал кој всушност се роди од романската сцена. Ете покана до вашите фанови да кликнат плеј на вашиот Soundcloud профил и да  слушнат. Ве поздравувам до некоја следна прилика и со надеж за што поскоро средување на лудилото кое ни се случи, па да можеме безгрижно да се собереме некаде и да поуживаме во музиката која не конектира.

Автор:

Александар Самарџиски

Главен одговорен уредник