Интервју - JosS

Постои голема поддршка помеќу артистите и културните промотери за разлика од порано

Аудио серијалот на диџеј миксови Roomania ја објави втората епизода од сезоната насловена “Cave of hands”, на платформата SoundCloud. ”Cave of hands” или ‘‘Пештера од раце”, ја симболизира временската оддалеченост од живите клупски настани каде дигнатите раце беа синоним за добра забава. Во новата епизода гостин е Стефан Јосифовски – DJ JosS од Битола.

Уникатен избор на музика и одличен стил на миксање се работи кои го одликуваат JosS. Посебно внимание посветува на деталите на звукот, без посебни придржувања кон одреден стил. Особена пасија има кон собирање плочи, а со тоа непрекинато ја надоградува домашната колекција. Работи на авторска музика и наскоро се очекува негово издание. Се појавува како дел од тимовите на промотерските организации Акто, Хауз и Пирка.

Roomania: Здраво Стефан, ти благодарам што прифати да ја превземеш втората епизода на нашите подкасти и да ни подариш прекрасен “storytelling” микс. Идејата на Roomania директно соодвествува со музиката која ја селектираш за твоите сетови, бидејќи и ти често го негуваш романскиот електронски звук. Земајќи во предвид дека ова не е мејнстрим жанр, кој навистина го сака овој звук, го наоѓа. Па за почеток би те прашал, кој е твојот прв допир со музиката и диџејството и како стигна до моменталниот жанр?

Здраво. Фала ви и на вас за поканата. Првиот допир со музиката е многу одамна, не можам да се сетам кога точно бил. Со диџејство започнав некаде 2012/13 година. До моменталниот жанр стигнав со слушање и “копање” различна електронска музика. Овој жанр го задржа мојот фокус, но секако дека слушам различни жанрови.

Roomania: Од што црпиш инспирација и кој е рецептот за твој диџеј микс?

Инспирацијата ја црпам преку слушање и симнување на различна музика, изданија и миксови од домашни и странски артисти. На крај тоа го пакувам во нешто што според мене звучи убаво и му се допаѓа на оние кои ме слушаат.

Roomania: Што мислиш за новиот начин на функционирање на клупската култура, дали стримовите, подкастите и гостувањата во радио емисиите можат да го заменат настапувањето во живо? Дали има разлика во музичката селекција како гостин во радио емисија и настап во живо?

Единствен начин да опстане и да не се запостави функционирањето на клупската култура, моментално, се видео стримовите, подкастите и радио емисиите. Тоа не може да ги замени настапите во живо. Тука се разликува и музичката селекција, како гостин во радио емисија доаѓам со спремна селекција од дома, а на настап во живо музиката ја селектирам моментално, преку фидбекот на публиката.

Roomania: Романските продукции и миксови имаат тенденција да бидат подолги,  бидејќи се претпочитува повеќечасовна музика. Од тука излегуваат и сесиите кога два или повеќе диџеи настапуваат истовремено. Дали често практикуваш ваков начин на пуштање музика и како се конектираш и комуницираш со другиот диџеј за време на сетот?

Најчесто практикувам да пуштам музика со уште еден или повеќе диџеи. Енергијата на диџеј пултот е поголема кога имаш со кого да ја споделиш. За време на сетот споделуваме нови изданија, нови артисти и насмевки. Тоа го чувствува публиката и позитивно резултира на другата страна од пултот, на подиумот.

Roomania: Музиката конектира, нé ствара ривали. Дали сметаш дека ова важи на македонската електронска сцена и дали постои поддржување меѓу здруженијата кои промовираат електронска музика? Кои промотерски здруженија би ги издвоил како најактивни во промовирање музика?

Се согласувам потполно. Постои поголема поддршка помеѓу артистите и културните промотери за разлика од порано. Не би издвоил посебно некое здружение како најактивно. Според мене сите сме активни на свој начин и сите имаме некоја цел за која се бориме да ја стигнеме.

Roomania: Дали мислиш дека тоа што артистите го работат во овие непосакувани времиња за културата, како видео стримови и гостувања во радио емисии, доволно се вреднуваат од публиката?

Сигурен сум дека сите емисии и видео стримови се спас за клупската култура во моменталната ситуација. Имаме целосна поддршка од секој што не слуша и е љубител на оваа музика.

Roomania: За крај, како би го опишал твојот микс за “Roomania”? Зошто слушателите треба да го слушнат овој микс?

Во миксот ги издвоив “најсвежо” симнатите изданија. Има добра динамика и “раскажува” приказна. Низ него се појавуваат нежни вокали кои даваат посебен шмек. Кога го преслушав ми звучеше добро и си потврдив дека има смисла како целина. Мене ми се допаѓа како звучи, се надевам ќе им се допадне и на слушателите.

Автор:

Александар Митрик

Главен одговорен уредник