Ardin Badivuku

“UNUM е латински збор и значи да се стане едно, така што сите ќе бидеме едно од 3-7 јуни.”

Кога зборуваме за клупски регионални настани и фестивали, неминовно е да го спомнеме името Ардин Бадивуку. Ардин е промотер со 15 годишно искуство, кој е водечка сила позади агенцијата “Next Level”, со седиште во Приштина, Косово и придружна канцеларија во Тирана, Албанија. Оваа компанија е фокусирана на организирање настани, букинг на артисти и корпоративни ревии на разни меѓународни музички уметници во Косово, регионот и Европа. Од 2019 година тимот на оваа агенција може да се истакне со ангажманот позади фестивалот UNUM во Шенѓин, Албанија, кој од своето прво издание успеа да достигне голема популарност и да ги инспирира уредниците на големите магазини како “mixmag.net”, “meoko.net” и “trommelmusic.com” да пишуваат за него. 

Во продолжение, интервју со Ардин Бадивуку, со кого ќе разговараме за неговите почетоци како промотер, настаните за кои е особено горд што ги организирал и секако, активностите, информациите и програмата околу фестивалот “UNUM 2021”.

Roomania: Здраво Ардин, добредојде на ROOMANIA. Чест и задоволство ни е што повторно соработуваме и можеме да зборуваме на теми кои се од зеднички интерес. 

За почеток би те прашале, што те привлече кон оваа професија за да станеш PR  и промотер? Накратко раскажи ни за почетоците и како се развиваше целата приказна?

Како прво благодарам на поканата, секогаш ми е задоволство да зборувам за музика и настани. Од 1996 година, кога го слушнав изданието на Prodigy – Breathe, се заљубив во електронска музика. “Prodigy” во тоа време беа трендсетери на денс музиката и јас бев нивни голем фан. Во врска со PR, дипломирав во 2010 година на Универзитетот во Југоисточна Европа, што многу ми помогна да ја комбинирам теоријата со пракса и организирање настани со различни техники.

Roomania: Како и кога настана “Next Level”, која беше првичната идеја на компанијата? Колку луѓе се во тимот на “Next Level”?

Во тоа време, бев член на еден форум во Германија, на кој имаше многу дискусии за електронска музика, настани и други дејности поврзани со електронска музика. И имаше некои нивоа што требаше да ги поминеш, да положиш, за да добиеш сертификат. Од тоа добив инспирација да ја именувам агенцијата “Next level”, што значи многу за мене. Животот, работата и сè што е околу нас не предизвикува на следно ниво.

Roomania: Низ годините “Next level” станува “клучен играч” на електронската евент индустрија во регионот. Тоа сигурно се темели на многубројни соработки и контакт со многу артисти и луѓе. После толку години напорна работа и посветеност, какво е чувството кога погледнеш наназад и ги здогледаш сите свои достигнувања?

Беше долго и предизвикувачко патување. Живеам 15 години од музика, настани, уметност и букинзи, што е многу тешко да се преживее во нашиот регион само од тоа. Но, кога вложувате напор, љубов, посветеност и страст во тоа што го работите, секогаш ќе има добар резултат.

Roomania: На кој настан што си го  работел си особено горд? На кои детали посветуваш повеќе внимание кога организираш настан и што за тебе претставува успешно изработен проект?

Да бидам искрен, букирав, организирав и домаќин бев на повеќе од 200 меѓународни уметници. Дозволете ми да именувам неколку од нив за кои сум горд и на кои многу се забавувавме: Се сеќавам на John Digweed кога дојде за прв пат во Приштина, LTJ Bukem, Shonky, Steve Bug,  Heidi, Anja Schneider, Guy Gerber, Antigone неодамна на улична забава итн. Деталите се многу важни за организирање успешни настани. Првиот чекор е да изберете добар уметник, да направите добар ПР за тоа, потоа е звукот и продукцијата. Ако овие елементи се конектираат едни со други, имате успешен настан.

Roomania: Кој е последен настан што успеавте да го организирате пред да почне светското лудило? Дали верувавте дека после тој настан може да се случи “пауза” на светот?

Една недела пред да започне силно пандемијата, ја имавме Molly од Франција. Беше 7-ми март во Театри ОДА (познат театар каде беа организирани многу забави). Имавме изнајмено добар звук, светла, LED скрин, супер публика и многу квалитетна музика.

Roomania: Од 2019-та година постои “UNUM Festival”. Фестивалот успеа да стекне добар рејтинг уште од своето прво издание. Како дојде до идејата и соработката со овој фестивал?

Момците од фестивалот Унум се мои пријатели и соработници, тие ме поканија и веруваа во мене како добар ПР. На фестивалот Унум сум ангажиран за регионален и меѓународен ПР. Таму стои голем локален и меѓународен тим, каде што секој има повеќе од 10-15 години искуство во различни области.

Roomania: Кој ви помогна најмногу за проектот да доживее реализација? Како течеа подготовките за првото издание?

Се разбира, албанската влада најмногу помогна да се реализира овој проект. Toa е многу важно за нив  да добијат туристи и да ја промовираат Албанија преку различни фестивали. Албанија е добар пример кој поддржува многу локални и меѓународни фестивали, што морам да кажам дека е многу паметен потег. Подготовките за првото издание поминаа многу добро. Имавме агресивна ПР кампања со добар Line Up. Имавме повеќе од 5000 туристи на првото издание, слободно можеме да кажеме дека тоа беше успех.

Roomania: Можеш да споделиш на кратко што се случуваше на “UNUM 2019”? Дали сите настапи поминаа според предвиденото? Какви импресии и доживувања беа споделени после фестивалот?

Сите настапи поминаа добро и покрај тоа што Ricardo Villalobos настапуваше на дожд, но луѓето не се грижеа за тоа и продолжија да се забавуваат. Имавме многу добри впечатоци и добри коментари. Одличен фидбек од луѓе и меѓународни медиуми.

Roomania: COVID кризата ја стави 2020-та година на пауза. Како ја доживеавте информацијата дека “UNUМ 2020” ќе биде одложен? На што највеќе се фокусиравте и што работевте за време на принудената пауза од настани? 

Беше кошмар да се одложат целите подготовки во 2020 година, но на сите им беше тешко. Се насочивме целото издание од 2020 година да го пренесеме во издание во 2021 година. Цело време будно ја следевме и ја анализиравме ситуацијата како се одвива.

Roomania: Поради COVID кризата, многу асоцијации се формираа за подобри услови во музичката индустрија, како на пример во Македонија се формираа “Музика Сега”, “Здружение на културни промотери ЗКП”, “Асоцијација на ивент индустријата ИВАП” и други. Се формираа ли вакви здруженија кај вас?

Ние немаме такви здруженија, но навистина треба да оформиме. Да застанеме заедно затоа што кој знае што ќе се случи после пандемијата. Имавме неколку дискусии на “ZOOM” за тоа. Треба да бидеме обединети. 

Roomania: Во тек се подготовките за “UNUM 2021”, за кој со 100% сигурност изјавивте дека ќе се одржи во Јуни. Успеавте како прв фестивал во регионот да договорите брзи тестови за посетителите и фестивалот да е целосно одобрен од Владата на Република Албанија. Како успеавте да го овозможите ова? Дали Владата на Република Албанија или приватни спонзори ви помагаат непречено да ги спроведете протоколите? Дали и другите настани кои ќе се случуваат во Албанија ќе бидат со брзи тестови?

Како што споменав претходно, албанската влада е добар пример за поддршка и промовирање на музички фестивали во Албанија. Нашиот предлог да се прават брзи тестови на фестивалот беше одобрен во јануари од министерот за туризам. Тоа многу помогна да се добијат многу меѓународни туристи, бидејќи ние бевме единствениот фестивал кој промовира брзо тестирање. Фестивалот Унум е пример и за други настани и фестивалски активности што ќе се одржат во Албанија.

Roomania: Дали Владата на Република Албанија во целост помага на евент индустријата или  “UNUM” фестивалот е особено привилегиран?

Да, тие прават многу за нас. Ние сме многу задоволни од нивната соработка од првиот ден.

Roomania: Освен брзите тестови, кои други протоколи ќе ги има фестивалот? 

Има две работи што луѓето мора да ги знаат: можете да донесете негативен тест од вашата земја што важи 72 часа или можете да направите брз тест на наша локација каде што ќе го добиете резултатот за 10 минути.

Roomania: Во претходното издание на фестивалот може да се видат уникатно дизајнирани стејџови. Кој стои позади овие дизајни? Колку стејџови ќе има фестивалот и колку посетители очекувате?

Стејџовите ги дизајнира Kuju Studio, момче од Косово што живее во Албанија. Да, имаме Main Stage, Beach stage и познатиот Pine stage, што е поголем оваа година.

 

Roomania: Кои се хедлајнери на фестивалот и колку вкупно артисти ќе брои фестивалот? Дали артистите имаат некои особени барања за настап во пандемија?

Имаме повеќе од 75 меѓународни и регионални уметници, хедлајнери што би ги споменал и со нетрпение го очекувам нивниот настап се: Ben Klock, Sven Vath, Ricardo Villalobos, Mathew Johnson, Raresh, Traumer, Praslea, Sonja Moonear, и така натаму, што е разновидност помеѓу хаус, техно и минимал.

Roomania: Еден од вашите музички партнери е романскиот фестивал SUNWAVES, а со тоа настапи ќе имаат Praslea, Priku, Cap, tINI, Raresh, Ricardo Villalobos, Traumer. Голем дел од артистите кои се на програмата на UNUM Festival го негуваат романскиот минимал хаус звук кој ја инспирираше и идејата на  нашиот нов проект “Roomania”. Овој епски звук не само што го дефинираше својот неверојатен под-жанр, туку и се етаблираше на глобално ниво. Каква е заинтересираноста на публиката на фестивалот на овој звук и на овие артисти?

Интересот за овој звук и овие уметници е огромен и трендовски, тие имаат обожаватели ширум светот кои доаѓаат да ги слушаат само нив. Луѓето кои стојат позади фестивалот се огромни фанови на оваа музика.

Roomania: Покрај главните музички изведби, што друго нуди фестивалот? 

Покрај музика, ќе имаме кино на отворено, организирано од Докуфест. Ќе емитуваат документарни филмови од музичката индустрија, на отворено на плажа, во меѓувреме ќе ја прослават својата 20-годишнина и среќни сме за тоа. Ќе имаме и јога сесии, бесплатна масажа 10 мин. (со бакшиш), огромен кварт за храна, пијалоци, коктели, традиционални работи и занаетчии, мерч шоп, моден терен итн.

Roomania: Што треба да знаат нашите читатели во Македонија доколку сакаат да го посетат фестивалот? Како реагира публиката после долга пауза од фестивали и настани? Дали заинтересираноста за купување билети е зголемена или се чувствува некаков страв? 

Имаме огромни фидбек од целиот свет. Луѓето од Македонија мора да дојдат и годинава да ја доживеат организација на повисоко ниво. Им предлагам да ги следат нашите социјални медиуми на Facebook , Instagram и нашиот официјален сајт, за да бидат информирани за сè.

Roomania: Од каде е името “UNUM”?  На што повикува фестивалот?

UNUM е латински збор и значи да се стане едно, така што сите ќе бидеме едно од 3-7 јуни.

Roomania: За крај, зошто препорачувате да се посети “UNUM Festival 2021”? Што е тоа што го прави уникатен?

Оваа година ќе надоградиме повеќе работи и ќе биде нешто навистина посебно. Одлични сцени, локација, перфектен звук од Италија и многу други новитети.

Ардин, благодариме на искрените одговори. Препорачуваме на нашите читатели да ги посетат сите настани кои вие ги организирате, бидејќи имаме лично искуство за вашата професионалност. Ви посакуваме успешен фестивал и лесна работа во овие се уште тешки времиња за евент индустријата. Се надеваме дека кризата набрзо ќе помине и ќе можеме вниманието кое ни го одземаат протоколите при организација, да го насочиме во поголема креативност и интерес на настаните кои ги работиме.

Автор:

Александар Митрик

Главен и одговорен уредник

Автор:

Александар Самарџиски

Главен и одговорен уредник