Andrew Meller

Конечно дојдов до ниво мојот живот да биде целосно музика, односно да живеам само од музика.

Декември, последниот месец од 2023 година, го обележуваме со посебна објава и интервју со еден почитуван гостин и наш добар пријател, вистински великан на светската електронска музичка сцена. Неговата креативност остава неизбришлив музички печат и континуирано го води светот на електронската музика во нови правци, со секое негово ново издание. Извонреден ди-џеј и продуцент чиешто влијание во светот на електронската музика станува секојдневно посилно. Со својата уникатна личност и уникатен звук, стекнува почит од многумина и високо се истакнува во музичката индустрија. Од првите моменти на неговата кариера, го покажува својот иновативен пристап кон електронската музика, сочувајќи го автентичниот стил и енергијата на сцената. Неговите хитови, преработките и настапите на најголемите светски фестивали и клубови го прават еден од најрелевантните диџеи и продуценти во Србија, кој подоцна се преселува и живее во Скопје, од каде најчесто патува и настапува низ светот.

Andrew Meller започнува да се занимава со електронска музика во 2009 година преку неговите проекти ReWire, Beat And Juice и Depth Perception. Под името Andrew Meller започнува да настапува во 2014 година, обезбедувајќи ја првата соло платформа, каде што целосно се предава на музиката, продуцирајќи и изведувајќи траки со влијание на House, Deep House, Tech House и Techno. Во продолжение, на наше задоволство разговараме со Andrew Meller:

Здраво Андријa, и добредојде на www.roomania.mk. Долго го планиравме ова интервју и веројатно дочекуваме да го реализираме во најправилниот момент кога заедно подготвуваме и новогодишен настан. Твоето име стана светски познато, особено преку преработките на “Born Slippy” и “Insomnia”, издадени во 2018 од Glasgow Underground, но што можеш да ни раскажеш за периодот пред тоа? На кој начин Andrew Meller го формираше својот музички идентитет пред да стане добро познат на глобалната сцена?

     Здраво екипа и благодарам на поканата. Музика сакам и слушам многу долго. Пред псевдонимот Andrew Meller, имав изданија во колаборативни проекти. Имињата под кои настапував беа ReWire Djs, Beat and Juice и Depth Perception и тоа беше периодот од 2009-2014 година. Во 2014 година решив да започнам независен проект како Andrew Meller. Звукот беше и останува во основа хаус, а бидејќи јас самиот не сакам генерички работи, секогаш има осцилации, некогаш поголеми, некогаш помали, најмногу од моја потрага. Кога барам музика и кога ја правам, целта е да се направи нешто весело и позитивно. Некои од моите модели со кои пораснав и грувот што најмногу ми се допадна и сè уште ме вози се Tech house и Techno (од периодот 1998-2005 година). Ќе спомнам некои имиња чија музика и сетови оставија белег на мојот личен развој: Carl Cox, Gary Beck, Dave Mothersole. Во новата ера, Solomun, Maceo Plex итн. Можеби гледајќи го вака, изгледа збунувачки, но бидејќи времињата се менуваат и вкусовите стануваат поинакви со текот на времето, внимателно го гледав, анализирав и го украдов занаетот на сите овие луѓе, колку што е можно повеќе, и така формирав свој стил.

Кои беа најголемите предизвици што ги искуси во раните денови на кариерата и како успеа да се избориш со нив?

     Првото нешто e што доаѓав од мала средина. Потекнувам од гратчето Пожаревац и беше многу тешко да се пробијам на пазарот во Белград, каде што беше центарот на настаните. Она што не издвојуваше од другите екипи беше продукцијата што ја имавме и таа страст и посветеност кога ќе добиеш шанса да нстапуваш во БГ. Првиот човек кој ни даде шанса беше Pepe во неговиот познат клуб Tube. Видете, ни беше толку јако што дадовме 300% од себе таа вечер, каде и самиот Pepe беше таму и не слушаше. Се договоривме за резиденција еднаш месечно во еден од најдобрите клубови што ги имал Белград. Тоа место беше мојот втор дом, буквално. Она што го сретнав на почетокот на мојата кариера беа сопки од одредени луѓе. На некои не им се допадна тоа што влегувам со 300% енергија и каде едноставно не си дозволувам грешка, барем што се однесува до музичкиот избор. Ќе цитирам и одредени луѓе „Не си од Белград, не можеш да дојдеш кај нас. Немаш кого да донесеш!“. Вреди да се спомне затоа што тоа е личен поттик за тебе и прави фрустрација која ме донесе до фаза „сега ќе работам уште повеќе и да ти покажам дека не е важно од каде си, битна е музиката!“. Што би рекле во Македонија, тркалото се врти. Ние не бираме каде ќе се родиме, туку избираме колку ќе се бориме за нешто наше и какви луѓе ќе бидеме.

Ние не бираме каде ќе се родиме, туку избираме колку ќе се бориме за нешто наше и какви луѓе ќе бидеме!

Кои се твоите најдраги спомени од почетоците на твојата кариера и што ти останува незаборавно од тој период?

     Сите оние забави што ги правевме без пари и во минус, поправајќи ја опремата, озвучувањето, лепењето плакати низ градот и сето тоа за пуштање музика, ние и луѓето се забавувавме. Се сеќавам на Tube, леле какви забави имаше, тоа беше тотално лудило. Сакам кога ја чувствуваш таа луда енергија каде што си препуштен на звукот и на подиумот. Ми се допадна и првиот EXIT каде што мојот пријател Петар ме повика да пуштам музика  со него на стејџот што го организираше. Студентската сцена спонзорирана од некој бренд на кафе. Требаше да биде споредна сцена со малку посетители. Додека сите се собираа на стејџот „Урбан баг“ да свират половина час сет, јас одлично се забавував на споредниот стејџ, пуштајќи музика цела вечер со моите пријатели на полна бина, кој поради пренатрупаност побараа да се затвори. Се сетив, имаше и една кафеана во Зрењанин, се викаше White Horse и каква луда екипа не би верувале. Таму одевме секоја втора недела, тргавме навечер, пуштавме музика од 21-6 или 7 сабајле и возиме дома 3 часа со кола. Бог не чуваше да не загинемеМногу дополнителни спомени и убави нешта. Целиот процес на градење и растење е убав и треба да се ужива.

Имаш настапи на големи светски фестивали и низ многу еминентни клубови. Како ги опишуваш разликите во енергијата и реакциите на публиката меѓу градовите како Скопје, Белград и другите метрополи во светот?

     Балканот е поинаква приказна во споредба со остатокот од светот, исто како што се различни Европа и Јужна Америка. Секоја област има своја приказна. Искрено ги сакам сите затоа што секаде можеш да видиш, слушнеш и научиш нешто ново. Во моментов ситуацијата е дека лично Скопје е многу подобро позициониран клупски од Белград, но Белград има огромни забави и нема клубови. Јас сум голем љубител на клубови затоа што оттаму доаѓа едукацијата и културата, но одвреме-навреме треба да има и големи настани за да биде исплатливо да се донесе поголемо име.

Која беше причината да се преселиш во Скопје и како би ја дефинирал македонската електронска сцена?

     Мојата девојка е од Скопје и бидејќи Белград ни беше мрачен на двајцата изминативе неколку години, решивме да дојдам во Скопје и да живееме заедно. Види, за мене во моментов нема подобро место каде што се чувствувам како дома, можеби и подобро. Навистина добро се вклопувам, луѓето и средината во која се движиме се добри луѓе, така што само се подобрувам. Многу ми се допаѓа хедонизмот што го имаат Македонците, реално, кој не би хаха. Во однос на музиката, мојата асоцијација во претходните години кога се споменува Скопје е фанк, соул и диско, не знам зошто, но и тогаш се преселив и почнав да излегувам, верувам дека чувството не ме измами. Има многу висококвалитетна музика и култура што се негува тука. Ги спомнав во едно друго интервју луѓето кои според мене тоа го заслужуваат, ќе ги споменам и тука Мачки, Вишко, Маци. Луѓе кои се во музиката и угостителството и не се „продадени“. Додека се тие тука оваа сцена верувам ќе постои. Голема почит кон нив.

Подемите и падовите се неизбежлив дел од сечиј живот, но во оваа професија можеме да кажеме дека екстремите и екстремно се разликуваат. Како се справуваш со тоа?

      Секој има своја приказна и никој не е имун на се што се случува наоколу. Тоа што не спиете нормално и што ја трошите енергијата, по некое време може да ве измори. Тешките турнеи се посебна категорија која е како трчање на маратон. Вашиот нервен систем е сериозно компромитиран и мислам дека дури и Двејн Рок Џонсон би паднал по извесен период. Дури и кога ќе ја додадете консумацијата на стимуланси за да останете будни и други додатоци, тоа е како да долевате масло на огнот, проследено со депресија, анксиозност и други придружни работи. Јас сум стрејт и трезен, па до сега имав неколку прегорувања. Тоа е сосема нормална работа која бара одмор, психолог или тренер и човек до тебе кој знае што се случува и може да ти помогне.

Како ги избираш и обработуваш семпловите кои ги вклучуваш во твојот музички проект? Како го одбираш правилниот звук за контекстот на композицијата?

           Сè е на слух .Често се случува да слушнам нешто на радио или нешто во етерот што ми го привлекува вниманието, па го реплицирам звукот и го обработувам понатаму. Почнувам од hook, па врз основа на тоа градам грув, некогаш одам на плејбал, некогаш е UK звук, некогаш е прогресивен. Нема правила. Затоа тргнувам од hook. Секогаш се водам од моите чувства и немам шаблони освен првичниот, каде имам однапред спакувани групи каде што ќе ги вметнам работите за полесна организација и видливост. Имам 8 групи (Kick – Bass, Top Drums, Perc, Snare/Clap, Synth 1, Synth 2, Vocal, FX) така што имам појасен и побрз работен тек. Ги користам комплетните Arutira, Repro 1 и 5 и од неодамна UAD PolyMax, но секогаш преземам и нови да пробам. Што се однесува до ефектите, јас ги користам стандардните на Ableton и Arturia, има и група на ефекти кои ми се допаѓаат од компанијата D16. Тие ми се најдобри за играње. За микс и простор користам fabfilter како EQ и Multiband. Лимитерите ми се од иста компанија и не би ги менувал во моментов, се покажаа како многу доверливи и прецизни. Ова е мојата основа, па можеби некому ќе му помогне во креирањето на сопствен процес.

Која е тајната за континуиран успех и одржување на уникатна автентичност во индустрија каде трендовите постојано се менуваат?

     Многу работа. Kлише е знам, ама така е. Кога се менуваат трендовите, вие останувате доследни на вашите, но и ги обликувате. Ќе ми биде досадно ако го пуштам истиот звук 10 години. Ќе се изморам. Треба да еволуирате и да бидете доволно отворени за да слушнете некои нови работи и стилови. Колку повеќе слушате, толку повеќе ќе ви се отвора умот и така вашата продукција ќе звучи подобро. Не треба да се продавате, но исто така не треба да останете заборавени за некое време. Мора баланс.

Твоите изданија имаат широк апликативен спектар, од фестивалски и енергични до клубски и интимни. Како го наоѓаш балансот помеѓу енергијата и спокојот кој го имаш дома до креирање на “бенгери”?

      Од самиот почеток миксам и продуцирам на слушалки. Мониторите се тука кога ми се уморуваат ушите, да можам да се одморам и да си ги разберам мислите. Додека правам песна и кога се поврзувам со неа, во главата ми се создава слика за реакцијата на публиката. Тука веќе не сум во студио, “на забава сум”. Воден од моето срце низ целиот процес, ја чувствувам истата возбуда додека правам песна и додека ја свирам. Досега 95% од траките што ги направив и емоциите што ги чувствував додека ги правев, исто така, ги почувствуваа луѓето кога ги пуштам на настап. Тоа е нешто што ја храни мојата душа и оттаму доаѓа мирот. Кога ќе се поврзете со универзумот на тој начин, се отвора пат на кој само треба да му се предадете и да го следите.

На кој начин приватниот живот и искуствата влијаат на твојата музика и настапи? Како ги балансираш личните и професионалните аспекти на твоето постоење? Дали се занимаваш со уште некоја креативност, освен продуцирање на музика?

      Конечно дојдов до ниво мојот живот да биде целосно музика, односно да живеам само од музика. Имам хармоничен однос во кој сме и двајцата, јас сум повеќе артистички ориентиран, додека Ведрана е повеќе деловна или бизнис ориентирана и се справува со повеќе работи. Значи мојот приватен живот е всушност мојот професионален живот. Покрај тоа, многу сакам да изработувам работи. По професија сум машинист, сакам да заварувам, изработувам се што е поврзано со браварство, дрво и слично. Мојата втора страст е видео продукцијата, уште една креативна страна која е дури и професионално поврзана, бидејќи имаме агенција за продукција и креирање видео содржини. Планот е еден ден да направам музички спотови поврзани со моите песни, но тогаш кога ќе дојде време.

Најчесто, после долга посветеност и издавање за светски продукциски куќи, доаѓа потребата за своја креативна платформа. Како се роди идејата за Rewler Records? Која е позадината и правецот на твојата платформа?

        Па, не е дека отсекогаш сум сакал да имам своја издавачка куќа, бидејќи тоа е навистина голема посветеност и бара многу врем. Со оглед на тоа што кругот на лејблови каде што можам да издавам музика се тесни и тие се повеќе се шаблонираат и бараат генерички работи, решив да основам сопствена етикета. Насоката е во основа хаус и тех-хаус, но нормално секогаш сум отворен за некои нови работи. Може да биде добар лејбл за неразбраните. Досега, покрај моите изданија, бев домаќин на Gulou Home Studio кој во тоа време беа во Кина (Урош и Аида) и култниот диџеј и продуцент од Пекинг, Mickey Zhang. Очекувам дека наскоро ќе се појават некои нови продуценти, па доколку имате некој или некој што не чита или нешто што мислите дека би било соодветно, слободно испратете го на demos@rewlerrecords.co

Како што веќе спомнавме, живееш во Скопје, но Скопје не е многу често на мапата на твои настапи. Следен твој настан во Скопје е предвиден за Нова година во клубот Епицентар, каде што веќе имаш настапувано. Кои се твоите мемории од претходниот настап, што се спрема и што можеме да очекуваме за новогодишниот настан?

       Минатиот пат беше лудо и брзо :). Овој пат ќе биде уште полудо, а можеби и побрзо. Ќе има многу луѓе кои не излегуваат обично за викенди, но за Нова година ќе дојдат на овој настан затоа што одлично се забавувавме на EPI BOAT забавата на Охридското Езеро. Атмосферата таму беше навистина за паметење. Пријателско место за поширокото семејство и пријателите. Потврдија присуство и пријатели од Србија и веќе сум возбуден за екипата што се собира. Затоа, во оваа прилика ги поканувам сите кои се за добра забава и позитивни вибрации да ни се придружат за Нова Година. Покрај мене ќе настапат и добро познатите македонски диџеи Mitrik и Flooder.

 


*Одговорите на Andrew Meller се преведени од српски јазик на македонски јазик.

Новогодишниот настан ќе биде во клубот Епицентар (Скопје) на 31.12.2023 година. Билетите може да се купат во претпродажба по цена од 800 денари во Makka Bar (Скопје), или на врата на самиот влез на клубот Епицентар по цена од 1000 денари. Журка која не смеете да ја пропуштите !!