Andrey Pushkarev [RUS]

“Најдобриот начин да се подигне музичката култура е да се поддржат локалните продуценти и промотори. Тие се клучот.”

Извонредниот вкус, уникатните вештини во диџеј кабината, како и неговата природа и едноставност му донесоа почит и восхит во светот на алтернативната сцена како посветен промотер на квалитетна електронска музика. Суптилниот шарм на неговите миксови рефлектира звук кој креира расположение. Цврстиот став и фацијалната експресија која ја поседува позади грамофоните маскира несомнено истражување на просторот, звукот, публиката и меѓусебните конекции за време на неговиот настап.

photo: © medvedew

Неговите миксови се спој на перфектни селекции, идеално слеани со моментот, во кои дава простор за “дишење” на секоја трака низ својот сет, за аудиофилно искуство на подиум.

Роден е во 1981 година во Воткинск, Русија. Со диџејство започнува од свои 15 години. Со неговото доселување во Москва во 2000та година, ноќите ги резервира за настапи, а преку ден работи во руското седиште на германската компанија за музичка дистрибуција “TraumBaum”. Три години го надгледува ексклузивниот увоз на странски винил плочи и диџеј опрема во Русија. Постепено, собира сопствена колекција од илјадници ретки плочи. Во 2006та година, Пушкарев станува резидент диџеј на уникатното веб-радио “DeepMix.ru”, што емитува некомерцијална техно музика, бесплатно и без никакво рекламирање, на 6000 слушатели од 53 земји, до крајот на летото 2011та година. Како резултат на неговите необични, длабоки, мелодични и бескомпромисни техно-преноси, Пушкарев брзо станува познат низ целиот свет. Неговиот прв диџеј настап надвор од Русија е во 2007ма година во Франција.

Во својата 25 годишна кариера настапувал во 55 земји и бил дел од фестивали како што се Caprices Festival, B My Lake, Drift Festival, ZeeZout Festival, Echowaves. Бил гостин во “Boiler Room”-Букурешт и “MixMag Lab” во Los Angeles. Сопственик на продукциската куќа “Luck of access” и протагонист во филмот “Kvadrat”.

 

 

Во продолжение, разговор со Андреј Пушкарев:

Roomania: Здраво Андреј и добредојде на „Roomania“. Навистина ни е задоволство што можеме да го реализираме ова интервју со тебе. Без сомнение можеме да кажеме дека имаме големо влијание од тебе. Инспирација си за нас и за многу помлади уметници од областа на електронската музика. За почеток кажи ни како започна твојата пасија или “љубовна афера” со електронската музика?

Здраво, задоволството е и мое да одговорам на вашите прашања. Ви благодарам што ме поканивте. Мојата страст започна уште кога бев во основно училиште. Мој соученик носеше ЦД-а и касети од Лондон и сите бевме воодушевени од таа музика. Сфатив дека музиката може да биде многу поинтересна од она што ни го нуди локалната индустрија. Потоа го видов концертот на Gus Gus, кој се емитуваше на германскиот канал Viva Zwei. Моето младо срце беше разнесено од емоции. Почнав да учам подлабоко што е електронска музика и од тој момент сè уште сум заглавен таму.

photo: © anatolyivanov.com

Roomania: После толку години напорна работа и посветеност, какво е чувството кога погледнеш наназад и ги здогледаш сите свои достигнувања?

Искрено кажано никогаш немав некои специфични цели, само се обидував да го селектирам совршениот звук за моите уши и да создавам приказни со него. Универзумот случајно ми испрати можности да ги споделувам и бев среќен што го правев тоа. Сѐ уште сум среќен. И ова е главното достигнување за мене, да можам да го работам она што го сакам.

Roomania: Kолекционер си на винил плочи. Веруваме дека твојата колекција брои десетици илјади плочи и дека бројката не е причината што ги купуваш и собираш, едноставно сакаш музика. Кои изданија го привлекуваат твоето внимание, дали се тоа одредени издавачки куќи на кои им веруваш и го купуваш секое нивно издание или често копаш и по различни извори и жанрови?

Сите мои плочи дојдоа на многу различни начини. Кога патувам секогаш се обидувам да барам нови места/продавници за копање музика (тоа ми е омилено). Некои ги примам како подарок, некои ги купив пред повеќе од 10 или 15 години и ги заборавив. Исто така, добивам многу промо плочи. Главниот критериум при изборот на музика е дека треба вистински да ви се допаѓа. Изворите, жанровите и популарноста не се важни.

Roomania: Започнувајќи од 90-тите, единствената достапна форма за диџејство беше винил. Дали користиш дигитален носач на звук? Дали носачот на звук е пресуден за квалитетот на звукот? Што мислиш за музиката во дигитален формат, дигиталните плеери и софтверите за диџеи?

Во мојот роден град во средината на 90-тите години, немав услови да купувам плочи, но кога се преселив во Москва почнав да го правам тоа. Така, на самиот почеток на мојата диџеј кариера можев да користам само ЦД-а и касети. Деновиве користам и USB бидејќи добивам многу промо изданија. Не носам многу скапи плочи со мене додека патувам. Наместо тоа, ги дигитализирам и ги ставам на USB. Друга добра страна со USB-ињата e што имам резервна копија, во случај нешто да се случи со мојот багаж. Не е важно што диџејот користи и како пушта музика, важен е само резултатот, а тоа е среќни лица на подиум.

photos: © anatolyivanov.com

Roomania: Кој е твојот рецепт за диџеј микс? Дали има разлика меѓу сетовите кои ги припремаш за микс во радио и сетовите во живо пред публика?

Мојот распоред на подкасти обично се резервира однапред и сакам да користам необјавен материјал во секој од нив.  За гостувањата во радио емисиите, музиката ја селектирам неколку дена пред снимањето/објавувањето. Кога одам на настап пред публика, не знам точно што ќе пуштам. Секако дека имам пакет омилени плочи со себе, но изборот секогаш зависи од моментот и атмосферата на подиумот.

Roomania: Ти си водечка сила позади етикетата “Luck of access”. Од кога постои и кој звук е препознатлив за оваа етикета? Кои артисти издале и се очекуваат да издадат музика под ова име? Дали се издаваат само тврди копии или изданијата може да се најдат и во дигитален формат?

Првото издание излезе во септември 2017 година, па наскоро ќе бидат четири години. Тоа се базира на мојот сопствен вкус. Сакам да соработувам со пријатели и млади продуценти. Досега имавме изданија од Havantepe, Ohm and Octal Industries, Low Tape и мое издание. Планирани се J.S. Zeiter, Toki Fuko и Stojche за остатокот од оваа година. Пред пандемијата беше само винил, но сега “Luck of Access” e достапен на стриминг платформите и Band Camp.

Roomania: Да се живее животот како диџеј не е секогаш она што другите го гледаат. Можеш ли да споделиш нешто на оваа тема? Нешто што луѓето не го знаат? Каков е животот „зад сцената“?

Многу уметници ќе ви кажат дека турнеите се многу тешки. Исцрпувањето е и емоционално и физички поради постојан стрес поврзан со патувања. Аеродроми, граници, промена на времето, климата и сега ја имаме и пандемијата. Поголемиот дел од времето сте сами, обидувајќи се да го надминете сето тоа и дополнително треба да заштедите моќ да настапите. И не се жалам на начинот на кој функционира оваа индустрија, но дефинитивно треба да имате свои начини да се “рестартирате” на турнеите. Јас сакам да трчам, така што секогаш ја земам опремата за тоа.

Andrey Pushkarev е протагонист во филмот “Kvadrat” на Anatoly IVANOV.

Roomania: Неколку пати си настапувал во Македонија. Како ја чувствуваш македонската публиката? Како дел од оваа индустрија и искусен диџеј, што би ни препорачал, во што треба да се фокусираме да ја воздигнеме оваа култура?

Според моето искуство, можам да ја истакнам неверојатната публика. Луѓето се отворени, позитивни и со добра смисла за хумор. Мислам дека секој уметник или диџеј ќе биде среќен да дојде и да настапи во такво гостопримливо опкружување. Според мене, најдобриот начин да се подигне музичката култура е да се поддржат локалните продуценти и промотори. Тие се клучот.

Според мене, најдобриот начин да се подигне музичката култура е да се поддржат локалните продуценти и промотори. Тие се клучот.

Roomania: На кој начин се чувствуваш покреативен, сам или додека правиш b2b сесија со некој од колегите? Како се конектираш со колегата со кој правите б2б сет?

И на двата начина имате простор за креативност. Искуството е различно и убаво е да го имате од време на време. Најдобар b2b настап би можел да имаш со колега со кој што се поврзувате како личност или со која ги делите истите музички вкусови. Мојот рецепт за добра b2b изведба е да успееме да раскажеме приказна заедно, со прилагодување на траки една за друга, а не да се натпреваруваме кој би свртил по кул трака.

Roomania: Во Македонија, едно од омилените летни места за електронска музика е плажата Оревче. На 10ти Јули е резервиран твој настап заедно со Stojche. Веќе имате настапувано заедно во б2б издание. Која е енергијата која заедно ја креирате и што може публиката да очекува од вашиот настап?

Stojche е еден од талентираните продуценти не само во Македонија, туку и на целата техно сцена. Не знаеме точно што ќе вртиме, но публиката дефинитивно може да очекува многу љубов и енергија од нас.

Публиката дефинитивно може да очекува многу љубов и енергија од нас.

Andrey, благодариме на искрените одговори. Ти посакуваме голем успех и многу распродадени настани ширум светот. Со нетрпение го очекуваме вашиот музички избор на плажа Оревче, веруваме дека ќе биде настан за паметење. 

Прочитајте ги сите интервјуа на Roomania >>

Автор:

Александар Митрик

Главен и одговорен уредник

Автор:

Александар Самарџиски

Главен и одговорен уредник