Интервју - Marko Nastić [SRB]
“Би повторил сè, затоа што мислам дека токму сè што живеев ме направи ова што сум денес.”
Марко Настиќ е водечкиот југоисточен европски диџеј. Во проблематичната Србија од 90-тите, Марко и неговите пријатели ја изградија една од најживописните клупски сцени во Источна Европа, онаа што ги инспирираше писателите на „Mixmag“, „The Face“, „DJ“ и „NME“ да напишат признанија многу одамна. Тие се спротивставија на мрачните сили на политичкото лудило преку електронската музика и прослава на животот.
Диџејството и музиката отсекогаш беа дел од позадината на Марко: дури и во неговите тинејџерски години беше фасциниран со синтисајзери, машини за тапани и други гаџети за правење звук. Кога техното започна да се филтрира во Србија во раните 90-ти, Марко со нетрпение се појави на сцената.
Наскоро, почна да се шири глас за тинејџерско техно чудо и оваа енергија се канализира во млад и аспирантен диџејски тим наречен „Teenage Techno Punks“ – сите на возраст под 18 години. Настич беше лидер на тимот, кој набрзо стана најбараниот талент на електронската музичка сцена во Југоисточна Европа. Редиците кон влезовите во клубовите кога настапуваа беа подолги од кога било, а тоа се прошири и надвор од Србија.
Како што техно музиката стануваше по популарна во Србија, ескалираше и балканскиот конфликт. Овие околности го обликуваа и зајакнуваа Марко. Бесплатните забави што ги правеа во тие времиња сè уште се урбана легенда во Белград.
После војната, клупските сцени во соседните земји станаа свесни за невидените диџејски способности на Настиќ и неговиот препознатлив стил на три грамофони. Оттогаш, Марко созреа во диџеј кој не може да се дефинира како чисто техно, хаус или минимал; тој е сето тоа, и многу повеќе.
Во продолжение интервју разговор со Марко:
Roomania: Здраво Марко и добредојде на „Roomania“. Без сомнение можеме да кажеме дека си инспирација за нас и за многу помлади уметници од областа на електронската музика. После толку години напорна работа и посветеност, какво е чувството кога погледнеш наназад и ги здогледаш сите свои достигнувања?
Како прво, благодарам за љубезните зборови. Драго ми е што успеав да инспирирам некого со мојата работа. Од моја гледна точка, уметноста е процес кој постојано се менува и сите ние се обидуваме да бидеме во чекор со времето, но во исто време да напредуваме уште повеќе. Дефинитивно, кога ќе погледнам наназад, најмногу сум горд на фактот што успеав да се остварам како татко и дека имам прекрасно семејство. Во професионална смисла, самиот факт што сум на сцената скоро 25 години е голем успех за мене. И покрај тоа, мојата желба и љубов кон музиката и оваа работа останаа непроменети, згора на тоа, во некои моменти ми се чини дека сега имам уште поголема волја и упорност, особено во однос на музичката продукција.
Roomania: Kолекционер си на винил плочи. Колку плочи брои твојата колекција? Дали има некои со кои си емотивно врзан и можеш да ги издвоиш?
Првиот албум го купив околу ’87 година. Слушав различна музика тогаш, почнувајќи од метал, па се до хардкор и панк. Првиот контакт со електронските звуци го имав преку денс музиката. Некаде околу почетокот на ’93 и ’94 година започнав да собирам плочи поактивно. Во моментов, мислам дека имам над 10.000 плочи, но самиот број не е причина зошто ги купувам. Исто така, жанрот не е на прво место за мене. Чувствувам дека за оваа работа е многу важно да сте разноврсни во вашите потфати за слушање и да не се плашите да ископате нешто ново и поразлично. Така, можете да најдете многу различни албуми во мојата колекција. Сакам кога запознавам колеги уметници кои имаат иста склоност кон музика, затоа што мислам дека никој не е роден да биде диџеј, но музиката што ја слушате е основа за да станете диџеј.
Секако, имам многу записи кои би сакал да ги издвојам, но еве ги емотивно врзаните, а тоа се оние што ми ги даде сопругата: “Chris Rea- Josephine (Extended Mix 1987)”, “Morane – The Trick (Think Dark)” и “Tim Maia – Acenda O Farol”.
Roomania: Започнувајќи од 90-тите, единствената достапна форма за диџејство беше винил. Како се случи твојата транзиција кон дигиталната форма? Кој начин на пуштање музика го преферираш највеќе?
Поминав низ разни фази – од вртење само винил, до целосна транзиција кон final scratch. Во моментов, сметам дека најзадоволувачка за мене е комбинацијата на грамофони и ЦД плеери. Ова најмногу ми одговара бидејќи не сите клубови имаат идеални услови за работа, така што комбинацијата од еден грамофон и ЦД плеери ми овозможува да работам прецизно. Технологијата помина долг пат, па ми се допаѓа какви измени можам да направам сам, во живо преку “Pioneer”. За време на карантинот, успеав многу да го вежбам мојот “live act”, па во иднина гледам уште една работа што би сакал да ја усовршам.
Roomania: “Teenage Techno Punks” е легендарно име. Кој го смисли и зошто?
Колку што ме служи меморијата, мислам дека Гордан Пауновиќ излезе со името на забавата со Ерик Пауел (Bush records). Името “TTP” ни се допаднa и го задржавме. Останатото е историја.
Roomania: Oрганизиравте бесплатни забави во Белград за време на 90-тите. Како дојдовте до оваа идеја? Која беше движечката сила зад неа?
Тоа беше еден вид бегство од мрачната ситуација, бомбардирањето и сè лошо што нашата земја преживуваше. Кога размислам за тоа малку подобро сега, беше доста опасно она што го правевме. Организиравме забави додека сирените кои се користеа при воздушни напади, врескаа, и во секој момент можеше да падне бомба врз нас. Меѓутоа, кога имате 20 години, гледате поинаку на работите и сакате да живеете во моментот.
Roomania: Дали „Ретроспектакл“ е олицетворение на тие забави од 90-тите? Кој е концептот позади тоа?
Ретроспектакл го создадовме како прослава на 20 години од мојата кариера. Успеавме да го оживееме тој момент на постанок на електронската музичка сцена во Србија и да ги собереме сите луѓе што учествуваа во нејзиното создавање и се дел од моето патување низ сите овие години. Тоа беше една од најемотивните забави на која што некогаш сум присуствувал и мило ми е што успеавме да направиме еден таков проект. Планот беше повторно да се одржи во 2020та година, но сите знаеме што се случи. Се надевам дека во блиска иднина ќе се создадат услови да ја повториме таа забава.
Roomania: Креативноста во диџеј миксовите може да се изрази во различни форми и големини. На кој начин се чувствуваш покреативен, сам или додека правиш b2b сесија со некој од колегите?
Искрено, сè зависи од ситуацијата, со кого работам b2b и колку ќе се усогласиме со стилот и музиката што ја вртиме. Се случува понекогаш да работам со луѓе кои многу ги сакам како пријатели, но не се вклопуваме музички, па во тие моменти не можам да дадам 100 проценти од себе. Ако се сложам со некого, тоа е тотално друга приказна, а задоволството е меѓусебно. Додека кога работам сам, имам своја рутина, а мојата креативност е во полн ек.
Roomania: Која беше твојата најголема инспирација и мотив да започнеш да продуцираш своја музика? Дали имаш ритуал кога станува збор за правење свои траки?
Кога го велам ова, не би сакал да звучам како да сум многу стар, но навистина беше толку одамна што не се ни сеќавам кој влијаеше на мене на почетокот. Но, она што го паметам и што беше голема пресвртница во мојот живот и кариера, е дека сакав да правам музика во живо. Еден од луѓето кои беа голема инспирација за мене е Рикардо Вилалобос, но не толку заради музичкиот стил, туку поради начинот на кој пристапува кон продукцијата и како ги прави сопствените траки, а тоа е да се направи трака во една сесија и компјутер да се користи само за снимање. Процесот беше долг и многупати се најдов во ситуација кога бев незадоволен, но откако навлегов во таа форма на креирање своја музика, веќе не можев да застанам.
Roomania: Твоето студио е навистина импресивно. Дали имаш омилена „играчка“? Постои ли некоја машина што ја вклучуваш во сите свои продукции?
Точно, имам многу опрема, но секако не користам сè истовремено (се смее). Тоа би било прилично невозможно. Во последно време, многу го користам “Pioneer SP16”, затоа што преку него е многу лесно да се направи режим на песна. Покрај тоа, сакам да ги користам “Cirklon Sequencer”, “Torias Squid Sequencer” и сите мои синтисајзери кои се постојано во ротација, особено “Pro 2”.
Што се однесува до модуларниот систем, зависи од инспирацијата. Понекогаш се случува цела трака да ја направам со модуларен, понекогаш само некои детали од траката.
Roomania: Оваа година ослободи повеќе време за креативно студиско работење. Некоја интересна соработка што можеш да ја споделиш со нашите читатели? Следни изданија?
Секако, во овој период работев можеби повеќе од кога било во студиото. Покрај проектите што ги направив за себе – го завршувам својот албум; направив албум со неверојатната пејачка Ана Ќурчин, што е малку поразлично од она на што сте навикнати да го слушате од мене. Завршив издание со Дејан Миличевиќ за “ТТП 2.0”, „We Are What We Are“ со “Layzie”, и она што верувам дека ќе развесели многу луѓе – го започнав мојот техно проект “Nasta +”. “Timeless” EP-то на “Octophonic” е во претпродажба, а “Rakija 005” и “Easy Tiger 005”, што ги направив со “Djunior” од Словенија, наскоро ќе бидат во печатење.
Roomania: Овој продолжен период без клубови е тежок за културата. Кои се твоите размислувања за ова? Дали имаш идеи за тоа како сите можеме да помогнеме во враќањето на клупската култура во живот?
Тешките времиња се зад нас. Од оваа гледна точка, мислам дека единственото решение за да се врати животот во нормала е вакцинацијата, бидејќи им верувам на науката и на лекарите и благодарен сум на нив. Од друга страна, кога ќе ја погледнам оваа ситуација, во март минатата година станав татко по втор пат, и овојпат, иако тежок, е еден од најубавите периоди поминати со моето семејство. Најдов нешто преубаво во целиот овој хаос. Во професионална смисла, овој период го искористив за максимално да ги усовршам и понатаму да ги развивам своите продукциски вештини.
Roomania: Многу пати си настапувал во Македонија. Кои се твоите размислувања за клупската култура тука?
Навистина сакам да ја посетувам Македонија. Имам многу драги пријатели и можам да кажам дека ја доживувам како втор дом. Главно работам на распродадени настани и имам добар фидбек од луѓето, што навистина ми се допаѓа.
Сцената е одлична. Има многу квалитетни забави и квалитетни уметници.
Roomania: Да се живее животот како диџеј не е секогаш она што другите го гледаат. Можеш ли да споделиш нешто за оваа тема? Нешто што луѓето не го знаат? Каков е животот „зад сцената“?
Се надевам, разбирате дека секој ден, покрај 3 до 6 часа поминати во студио, слушам музика најмалку 2 часа на ден и балансирам семеен живот со две деца, меѓутоа би лажел ако кажам дека не уживам во оваа работа. Мислам дека само затоа што многу ја сакам оваа работа, успевам да постигнам сè.
Иако од моменталната ситуација звучи како далечно минато, но животот со поврзани свирки, многу трансфери, одложувања на авиони, патување директно од клубови до аеродроми, и не е толку забавно како што изгледа. За да бидете здрави и да го зачувате вашиот внатрешен мир, најважно во овој бизнис е искрено и отворено да го сакате она што го работите.
Roomania: Освен диџејството, постои ли некоја друга професија во која се гледаш себеси? Дали секогаш мислеше дека ќе го правиш ова или си имал и други планови?
Дефинитивно, диџејството е првата и основна работа што ја работам, но би сакал да се профилирам уште повеќе како продуцент – тоа е она што ме привлекува во моментот. И, ако мислите на друга професија, која не е поврзана со музика, буквално ништо не ми паѓа на памет ниту некогаш сум имал друга желба, иако морам да признаам дека за време на овој принуден одмор, размислував дали има нешто друго што би сакал да направам, меѓутоа не го најдов тоа.
Roomania: Ако можеш да се вратиш во минатото и да се видиш како дете, што би си кажал?
Би повторил сè, затоа што мислам дека токму сè што живеев ме направи ова што сум денес.
Roomania: Друга креативна форма на изразување е тату културата. Спомна дека уживаш да црташ. Дали некоја од твоите тетоважи е твој сопствен дизајн? Која ти е омилена?
Сакам да цртам, но немам дизајнирано ниту една тетоважа, туку само учествував во идеите. Мојата омилена е тетоважата со семејството, која сега треба да се дополни со најновиот член.
Roomania: Можеме да кажеме дека си Инстаграм мимер со “сертификат”. Колку време трошиш за да ги насмееш своите следачи?
Отсекогаш сакав да објавувам некој мим од време на време, но како што минуваше карантинот, ми требаше посебна доза смеа, затоа посериозно ја сфаќав својата работа како мимер. Инстаграм ги менува своите правила и многу работи е забрането да објавувате, а тие шеги не се ни навредливи. Не сум сигурен дали Инстаграм или луѓето станаа толку чувствителни, но дефинитивно е време за некој нов вид на виртуелна радост и не треба да сфаќаме сè толку сериозно.
Roomania: За крај, како би го опишал твојот микс за „Roomania“?
Какво изненадување би било ова доколку ви откријам сè. Пуштете го миксот, појачајте звук и уживајте!
Ти благодариме што си дел од „Roomania“. Се надеваме дека откако ќе заврши ова лудило, ќе можеме да танцуваме заедно.
Следната епизода излегува за две недели. Повеќе информации за аудио серијалот ”Break Away”, како и преслушување на претходни и следни епизоди може да следите на Soundcloud профилот на Roomania и социјалните мрежи на Room 313.