DJ DEE

Секогаш треба да бидете свои, бидејќи трендот е минлив.

DEE се впушта во светот на електронската музика во 2008 година, развивајќи уникатен стил преку експерименти со различни жанрови. Како активен диџеј од 2010 година, таа го обогатува својот идентитет со хаус, UK гараж, брејкови и Детроит техноНејзините настапи, кои се простираат од регионот до Европа, имаат цел да го споделат нејзиниот врвен музички израз со публиката. Со резиденции во различни клубови и неколку кратни искуства во Амстердам (ADE) и Африка, DEE го става својот печат на музичката сцена. Нејзината преданост кон музиката и унапредувањето на креативниот израз ја прават влијателна личност на електронската музичка сцена. Привлечена од лајфстајлот “куферот и јас”, DEE се сели во Скопје, избирајќи го градот поради фанк сцената и талентираниот македонски музички креативен дух.

 Во продолжение, на наше задоволство разговараме со Дијана Кнежевиќ а.к.а ДЈ ДЕЕ:

Здраво, Дијана! Добредојде на Roomania.mk. Нашиот заеднички настан во клубот Епицентар во Сабота е одлична и соодветна прилика да го направиме ова интервју и да те запознаеме со луѓето кои не пратат како промотерски бренд. Знаеме дека си сериозна и искусна во својата кариера, но пред да се фокусираме на најновите случувања, би сакале кратко да ги разгледаме твоите почетоци.

Можеш ли во кратки црти да споделиш како DEE го пронајде своето место во светот на диџеингот и електронската музичка индустрија?

Најпрвин би сакалa да ви се заблагодарам за поканата и разговорот што следи. Почетокот на мојот пат беше во 2008 година, тогаш всушност почнав да се интересирам и да влегувам во светот на електронската музика. Поголемиот дел од моето друштво во тоа време веќе беа во оваа индустрија. Многу диџеи, но и многу слушатели на електроснка музика околу мене. Ја купив опремата и за околу една година научив некои техники, а од 2010 година активно пуштам музика до денес.

Што беше толку интензивно и влијателно, што те поттикна да ја следиш оваа сцена и да ја избереш како своја патека во текот на овие години?

Искрено, музиката е голема безусловна љубов и страст за мене. Oд самиот почеток и пристапувам така и со голема почит. Има работи што не можеме да ги објасниме, па би рекла дека тоа е магија. Никогаш не ни помислував дека ова ќе биде професијата која ќе ми го окупира поголемиот дел од животот. Се случи спонтано и како што треба. На крајот, музиката е свет јазик. Имаме работа со нешто што не можете да го допрете, но знаете дека е тука.

  

Слушајќи ги твоите сетови, сигурни сме дека твојот музички вкус е богат и разновиден, без граници. Видливо е дека имаш широк дијапазон на музички интереси. Кои се твои најомилени жанрови и стилови во кои најдобро се пронаоѓаш како диџеј?

Се променував во однос на жанровите низ текот на годините. Всушност, не сакав да се ограничувам само на еден жанр. Музиката ни дава можност секогаш да наоѓаме нешто ново за себе и да го пренесуваме на другите луѓе. Хаус дефинитивно е основата во мојот избор, но можете да слушнете и UK гараж, брејкови и флертување со Детроит техно. Самата моја енергија е променлива, а исто така и музиката што ја избирам.

Дали има голема разлика меѓу музичките плејлисти што ги слушаш во домашен амбиент и оние што ги презентираш на настап?

Кај мене најголемиот дел од времето е слушањето многу различна музика. Можам за себе да кажам дека прво сум слушател, а потоа диџеј. Пораснав на фанк музика, хип хоп, drum and bass во 90-тите итн. Слушањето е една од најважните работи бидејќи на тој начин го шириме нашиот вкус и чувство. Плејлистите што ги правам се засноваат соодветно со моето расположение, и ги означувам со бои. За мене секоја боја носи одредена емоција, па така и плејлистите. Има денови кога слушам само класична музика, меланхоличен рок или музика што сум ја купила за да ја пуштам на моите настапи. Нема правила.

Сега живееш во Скопје. Што те натера да ја промениш твојата локација и зошто го избра Скопје како твој нов дом?

Со години мојот живот се заснова на “мојот куфер и јас лајфстајл”’. Се навикнав да живеам така. Родена сум во Белград и ги знам сите негови фази. Во последните години престанав да го сакам Белград и неговата енергија. Отсекогаш сум ја сакала Македонија и почнав повторно да доаѓам со моите пријатели за викенди кога сме слободни да слушаме македонски диџеи. Секогаш си поминувавме одлично. Сакав да направам промена. Имаше две опции, Загреб или Скопје и решив да го направам тоа овде во Скопје. Како што напоменав, се слушам самата себе и некако интуитивно почувствував дека ќе ми биде добро овде да поминам извесен период. Не згрешив.

Што најмногу ти се допаѓа во Скопје во споредба со Белград, особено кога зборуваме за музичката сцена?

Скопје го гледам како главен град на фанкот. Ме привлече да ја запознаам музичката култура и она што можам да го кажам е дека навистина имате квалитетен и сеопфатен избор на музика. Талентирани артисти, каде што секој пат се воодушевувам со нешто ново што ми го покажуваат колегите. Како Како Mosaik Kollektif, Tomi Bojadzi, Stojche, Herzel, De Yan, DJ Goce, Mihail P, Dzijan Emin  итн. и Ви благодарам. Според мене, Белград изгуби некои клучни работи и доби нови кои не ми се допаѓаат. Кога зборуваме за милионски град, срамота е што има само неколку клубови со моментално популарна музика, и два клубови кои работат со алтернативна сцена. Не можам да споредувам, бидејќи сцените се различни, можам само да кажам дека уживам овде и дека поминувам одлично време со одлични луѓе и одлична музика.

Освен во Скопје и Белград, во кои други градови може да се проследат твои настапи?

Освен во регионот настапувам и низ Европа. Пред два викенда пуштав музика во Амстердам. Но најчесто сум тука, во регионот.

Има ли клуб кој ти е особено драг каде имаш најдолго работено како резидент?

Повторно ќе се навратам на Амстердам. Во 2013 година имав резиденција во еден локал таму, тоа е период кој можам да кажам дека имаше и остави длабоки траги на мојот пат, како музички така и во животот. После тоа имав резиденција во Африка, големо искуство, и клуб во Хрватска, каде што сум резидент веќе три години.

Дали секое место каде што настапуваш како резидент има своја уникатна енергија или постои нешто заедничко кое те привлекува на сите овие локации?

Секој престој на овие три места е сосема различен, а различна е и музиката. Клубот на Јадранско Море е многу голем, собира 2.000 луѓе, отворен е и повлекува некои други работи. Колку е поголем клубот, толку е поголема одговорноста, но исто така ви дава можност да запознаете луѓе од целиот свет, да запознаете различни култури итн.

Животот на диџеј кој континуирано патува не е секогаш идеален “позади завесите”. Тоа често знаее да биде и многу исцрпувачко. Кои се твои лични искуства на оваа тема?

На социјалните мрежи животот на диџејот изгледа многу возбудливо, еуфорија од свирка во Париз во сабота наутро, сладолед во сончевиот Рим во недела и сет во култен берлински клуб истата вечер. Она што не го гледаме е заморот, осаменоста или стресот што доаѓа со оваа професија. Од лично искуство, мојот пример е настап во Франција и без спиење 48 часа, потоа се разбудив со нервоза и алармантна ситуација дека нешто мора да се направи.

Дали диџеј може да очекува идеални услови на секој свој настап, или е изложен на постојано прилагодување на различни и неочекувани ситуации?

Доколку немате агент или некој што ве застапува, очекувајте изненадувања. И има некои добри работи, тоа е процесот на нашето патување. Успехот преку ноќ, се гради со години.

Нередовниот живот и честите промени може да предизвикаат разни несакани последици. Колку е важна менталната поддршка и здравјето во светот на електронската индустрија?

Менталната хигиена е важна работа! Малку се зборува, а повеќето луѓе се борат со трауми, лош начин на живот, не редовен сон, прекумерно консумирање алкохол и опијати. Сè ни е достапно. Бегањето од реалноста и сопствените проблеми со конзумирање на споменатите работи доведува до уште полоши чувства отколку што всушност се, сите ние сме многу чувствителни внатре. Рамнотежата е важна во животот, па како што секогаш велам, ако сакате да пробате нешто, нека биде без претерување.

Кои се твои методи за управување со стресот и одржување на својата форма, особено кога гледаме на нередовниот животен тек кој е чест дел од професионалната рутина?

Пред 5 години после мојата болест ја сменив рутината и ова ми е трет начин на живот досега. Исфрлив поголем дел од исхраната и тешките пијалаци (опијати пред 8 години). Две работи кои не излегуваат од мојата рутина се излегувањето и редовен сон. Во текот на неделата се трудам да си легнам пред полноќ, викендот е нарушен но не е страшно затоа што не консумирам ништо, па сега животот ми е полесен.

Кој е потенцијалниот ризик за депресија во оваа професија?

Поминав низ тешка депресија во 2018 година, која на крајот заврши со лекување во ментална институција 24 дена. Најтешкиот и најубавиот период од животот. Депресијата сама по себе е тешка како збор. Од искуство можам да кажам дека преку неа можеме да видиме некои од нашите темни страни и стравови со кои се бориме, да ги препознаеме во најтешкиот момент. Таму е нашата темнина и нашата светлина. Депресијата е вирус кој мора да се лекува. Самоубиствените мисли се многу изразени во таа состојба, јас лично се обидов да си го одземам животот неколку пати, но очигледно тоа не беше мој начин. Луѓето кои страдаат од депресија не го мразат животот, едноставно не им се допаѓа состојбата во која се наоѓаат во моментот. Да земеме предвид дека најдобрите албуми кои и денес ги сметаме за легендарни се направени во депресивни состојби.

Кои беа најтешките моменти во твојата кариера како диџеј?

Дефинитивно два периоди досега ми беа најтешки. Борбата со депресијата и лекувањето (2 години), а после тоа Ковид периодот. Тие 4 години по ред ми беа навистина тешки.

Дали успехот може да се постигне исклучиво како диџеј, или е потребно и да се биде и продуцент?Иако се две одделни професии, може ли да се постигне успех само преку една од нив, или пак е предизвик кој ги зафаќа двете области?

Како што стојат работите на светската сцена, визуелниот идентитет е поважен од музиката. Во моментов живееме во поп ера. Hyper Pop е исто толку популарен во моментов како што беше EDM пред него. Испораката што ни ја испраќа моменталната состојба е АДХД. Вакви работи отсекогаш постоеле во електронската музика, тоа е исто како и модата. Што се однесува до продукцијата, тоа не е важно, но пожелно е да се изразиме како уметници, што сакаме да кажеме затоа што отвара врата за некои други работи. Со ова морам да кажам дека има многу млади талентирани луѓе со многу квалитетна продукција. Јас лично не следам трендови, се држам настрана од тоа затоа што си изградив свој вкус и секој што сака да ме слуша ќе ме резервира поради тоа што знае што правам. Секогаш треба да бидете свои, бидејќи трендот е минлив.

Дали веруваш дека само комерцијалните продуценти можат успешно да заработат во оваа професија? Постојат многу примери на артисти кои драстично го промениле својот музички стил со текот на годините, често поради егзистенцијални причини.

Ако зборуваме за „бизнис“, што за мене е ужасен збор за употреба, не сум бил во ситуација и не можам да ги осудувам артистите што тргнале во сегашните правци, не ја знам нивната приказна и патека. Така да може само да ми се допаѓа или не.

Кога се однесува на квалитетот на музичкото творење, дали сметаш дека и во комерцијалната и поп музика може да се најде квалитет, или пак тоа е резервирано само за артистите кои не се толку познати и работат под помалку познати продукциски куќи?

Апсолутно, сакам да слушам квалитетен поп, зошто да не?! Моментално имаме пример каде Афро бит се спои со поп културата и се создаде добар спој. Во однос на продукцијата, поважно ми е тоа што некој го направил продукциски, отколку темата.

Кои се најносталгични моменти или години за тебе на електронската сцена?

Престанав да бидам носталгична, бидејќи како што рече Laurent Garnier, претходно имало одлични забави, но сепак уживам и имам добри забави и сега. Така, по неговата изјава, всушност ми отвори нов прозорец така да гледам на работите. Ако останеме заглавени со некој период во минатото, нема да одиме напред и ќе живееме во минатото, а не можеме да го вратиме.

Кои моменти или елементи мислиш дека фалат на електронската сцена денес?

Конкретно, во нашиот регион ни недостига повеќе меѓусебна соработка, повеќе дружење и обединување. Можеме да промениме нешто само заедно, не поединечно. Секогаш се трудам да соберам колеги од која било област, без разлика дали се музичари, тонски инженери или диџеи. Не е важно, важно е да си помагаме и да има повеќе соработки.

Кои се твоите наредни проекти и планови за во блиска иднинај?

Да го завршам EP-тo кое трае и трае. Го чекам патување до Јадранското Море во Мај ..  и тоа е засега. Престанав да планирам што се однесува за тие работи.

Ако би давала порака на младите кои се заинтересирани да влезат во светот на диџеингот, што би им рекла?

Не брзајте никаде, одете чекор по чекор, не прескокнувајте важни работи кои се дел од ова. Продуцирајте сопствена музика, изградете го вашиот стил. Бидете извесно време диџеј за загревање додека не се отворат некои можности за вас. Работете на што е можно подолги сетови за во било каков момент или атмосфера.

Што да очекуваме од настапот на DEE во Сабота, во клубот Епицентар?

Епицентар како и другите неколку клубови е уникатен на свој начин. Ми дава простор да се изразам онака како што сакам и чувствувам. Бидејќи тука се разделуваме, после муабетот одам да одберам музика за сабота. Се слушаме на подиумот.

 


*Одговорите на DEE се преведени од српски јазик на македонски јазик. 

Настанот ќе биде во клубот Епицентар (Скопје) на 03.02.2024 година. Билетите може да се купат на врата на самиот влез на клубот Епицентар по цена од 300 денари. Журка која не смеете да ја пропуштите !!