Интервју - Mihai Popoviciu [RO]
Секогаш е прекрасно чувството да се знае дека луѓето ширум светот ја знаат и пуштаат мојата музика.
Идејата за креирање на проектот www.roomania.mk е родена под влијание на романските артисти кои продуцираат електронска музика. Нивниот стил е специфичен, минималистичен и доколку го заслушате од вистинските продуценти кои знаат како да го направат тоа, тој звук ве навлекува на неговата софистицираност. Еден од тие продуценти е несомнено и Mihai Popoviciu. Она што е импресивно за неговата продукција е неговата уникатност и печат кои ги има уште од првите изданија, а го карактеризира и ден денес. Ако ја заслушате неговата музика, во иднина ќе ја препознавате и во сетови на диџеи кои вртат неиздадена музика. Неговата дискографија како да нема крај и кога ги слушате сите негови траки, нема нешто што нема да ви се допадне.
Нескромно ќе го етикетираме овој настан како ексклузивен, бидејќи ќе звучи баш така, со гостин кој директно ни ја наметна оваа музика да ја промовираме кај нас и да добиеме симпатии низ клубовите низ Македонија.
Роден е во Сибиу, Романија, во тоа време на маргините на просперитетната европска денс сцена. Без клубови, продавници за плочи и денс култура, сонот на Михаи да стане електронски уметник изгледал далечно. Најпрво започнал да продуцира и да издава, а потоа почнал да снима и диџеј миксови. Првото издание го има во 2005 за International Deejay Gigolo, а потоа следат изданија за големи етикети како Bondage, Highgrade, Poker Flat, Bedrock, Dessous и неговата сопствена етикета Cyclic, основана во 2012 година.
Замислете човек кој пораснал гледајќи ноќни клубови само на ТВ, сега во своето CV ги брои настапите во најдобрите светски клубови како Berghain, Watergate во Берлин, Fabric, Egg во Лондон. Дискотеките на Ибица и многу други клубови и фестивали ширум светот.
Во продолжение интервју со Mihai Popoviciu:
Здраво Михаи и добредојде на Roomania.mk. Да започнеме со тоа што ќе ни кажеш кој беше твојот прв контакт со музиката воопшто? Што те инспирираше да направиш транзиција кон електронската музика?
Здраво и Ви благодарам на вашата покана! Кога бев мал, бев (и уште сум) голем обожавател на легендарниот бенд „Queen“. Во исто време слушав мејнстрим денс музика од 90-тите. Полека ја открив андерграунд електронската музика и целосно се заљубив во неа. Мојот прв контакт со култната андерграунд електронска музика беше околу 1995 година со микс-цд од Laurent Garnier.
Кој е твојот рецепт за диџеј микс? Која е разликата помеѓу сетовите што ги подготвуваш за радио емисија и сетовите во живо пред публика?
Обично не ги подготвувам моите сетови кога настапувам пред публика, се прилагодувам на начинот на кој ја чувствувам гужвата и околината. За радио емисии обично пуштам подлабока музика.
Животот на диџеј кој е постојано на турнеи, не се само забавите. Може ли да споделиш нешто на оваа тема? Нешто што луѓето не знаат? Како изгледа животот „зад сцената“?
Тешките турнеи можат да бидат исцрпувачки, а умерениот начин на живот е задолжителен, бидејќи во спротивно горите и губите фокус. Во мојот случај, се трудам да спијам колку што можам помеѓу настапите. Турнеите исто така вклучуваат многу патувања и многу чекање, па затоа е добро да имате конструктивен начин на поминување време на аеродромите и за време на летовите.
Вашиот придонес во музичката сцена е едноставно неверојатен и изгледа како да не успорува. Како управуваш со твоето време за да го постигнеш сето тоа?
За време на периодот на ковид направив многу оригинални траки и ремикси. Почнувајќи од оваа година кога работите се вратија во нормала, почнав повторно да патувам и наоѓам помалку време за продукција. Сепак, се трудам да работам во студио додека сум дома бидејќи продуцирањето е нешто што го сакам и ми треба. Балансот помеѓу турнеите, продуцирањето и семејството е многу важен.
По многу години напорна работа и посветеност, какво е чувството да се погледне назад и да се видат сите свои достигнувања?
Секогаш е прекрасно чувството да се знае дека луѓето ширум светот ја знаат и пуштаат мојата музика. Се чувствувам благодарен за ова и се сметам себеси за многу среќен што можам да го работам она што го сакам. Немам намера да престанам наскоро бидејќи музиката е нешто со кое ја хранам мојата душа.
Ова ќе ти биде прв пат да настапуваш во Скопје. Што може да очекува публиката од твојот настап?
Груви музика и позитивна атмосферa.
Влезници ќе се продаваат на самиот влез во клубот Епицентар по цена од 400 денари. Дојдете на време!! Се гледаме на забава!