Интервју - BerryQyat [MK]

“Што носи диџејот, не носи годината.”

Уште од најрана возраст, музиката и начинот на кој звукот функционира го одвлекува вниманието на Стефан Милевски и го предизвикува на изучување музички инструменти. Набрзо, започнува да свири контрабас во училишниот оркестар, а подоцна се појавува и како дел од градскиот мандолински оркестар. На 12 години се запознава со денс музиката, а веќе од следната година присуствува на голем број рејв настани кои се случуваат во неговиот град и длабоко навлегува во електронската музика. Љубопитноста за откривање и спојување на нова музика, кај Стефан оформува уникатна основа да започне со диџејство. Од 2015та е колекционер на “vinyl” плочи и неговите уникатни диџеј сетови и настапи стануваат дел од најзначајните дискотеки и настани во Македонија под името “BerryQyat”. Неговиот рецепт за микс патува низ повеќе жанрови базирани на хаус, проследени со игрив грув и добра динамика.

Во продолжение, слушајте го новиот микс додека го читате разговорот со BerryQyat.

Roomania: Здраво Стефан и добредојде на “Roomania”. За почеток би сакале да ни раскажеш подетално за твоето музичко патување. Како се здружи со контрабасот и како изгледаше проба/настап во училишниот или подоцна во градскиот мандолински оркестар?

Здраво, пред сè, сакам да се заблагодарам на поканата. Драго ми е што сум дел од вашиот серијал “Roomania”, вo новата сезона ‘’Break Away’’ или “Ослободи се”. Навистина се ослободив снимајќи го миксот. Дружбата со контрабасот започна во 5то одделение во училишниот оркестар. Започнав да свирам најпрво мандолина, но, после две проби сфатив дека мандолината како инструмент не е за мене и се префрлив на контрабас. Кај контрабасот ми се допаѓа што како инструмент е водечки во секоја композиција, па така започна нашата дружба. Пробата траеше околу час, час и половина, и вежбавме повеќе композиции спремајќи се за тогашната ‘’Смотра’’ (натпревар помеѓу основните училишта во градот) на која неколку години освојувавме прво место. По две години дружба со басот, започнав да свирам во градскиот оркестар ‘’Стив Наумов’’ – Битола , каде што научив многу повеќе за композицијата. Со градскиот оркестар патувавме често и учествувавме на повеќе натпревари во Грција, Хрватска , Србија и секогаш се враќавме со награда. Добри времиња.

Roomania: Дали се сеќаваш на првата плоча што дојде во твои раце? Дали беше изборот по твоја желба или можеби поклон од пријател?

Се разбира дека се сеќавам (не е многу одамна), можеби поради начинот на кој стигна во мои раце. Шетајќи низ Амстердам влегов во “Џиџимиџарница’’ каде што имаше од сувенири до гумени бомбони и секаков прибор за да бидеш хај, а меѓу сето тоа и многу плочи. За среќа имаше и грамофон да можеш да преслушуваш. Потрошив еден час ‘’копајќи’’, и најдов брејк бит издание од 1998 година на MOOG, насловено ‘’What is a party’’ EP за “Dust 2 Dust records”.  Сè уште една од омилените.

Roomania: Колку плочи брои твојата музичка библиотека и кој жанр е најзастапен во твојата колекција на винили?

Мојата колекција брои околу 200 плочи во која има разновидна музика за домашно слушање и за на диско подиум. Жанр кој преовладува е тех-минимал, но, сè уште сум на почеток и сакам да ја проширам во многу правци.

Roomania: Знаеме дека е дискутабилно прашањето за квалитет на дигитален или аналоген формат и тоа зависи од повеќе фактори. Што мислиш ти, кој формат е најдобар и дали носачот на звук е пресуден за добра журка?

Сите што се музички едуцирани добро знаат дека најдобар преносител на звукот е винилот, но не е пресуден фактор за добра журка. Мене лично поголемо задоволство ми прави да  вртам и слушам плочи во домашна атмосфера. Дома можам да обрнам поголемо внимание на акустиката, за разлика од клуб, каде што играат улога и други фактори како што се појачала, миксети, озвучување и сл. За добра журка пред сè, треба да умееш да пренесеш добра енергија преку музиката што ја пушташ. Мислам дека малкумина се тие кои обрнуваат внимание од што доаѓа звукот или ги осеќаат промените дали е винил или дигитален формат.

Roomania: Изборот на сценско име ти е навистина уникатен. Што значи “BerryQyat” и како дојде до името? 

Изборот на името дојде случајно по покана на еден пријател да пуштам музика во неговиот локал. Бидејќи во Битола многу често користиме турцизми, на поканата одговорив “Бериќат шо ќе пуштам’’ . После тоа следеше прашањето како да ме најави и без двоумење реков “Бериќат”. Потоа пробував повеќе варијанти како би изгледало на кирилица или латиница со што на крајот се одлучив за “BERRYQYAT”. Бериќат всушност нема некаков директен превод, но во кратки црти би го опишал со неколку слогани што ги смислив:  “Ни добро, ни лошо” – “BERRYQYAT”. “Ни многу, ни малку” – “BERRYQYAT”. Може да се употреби во многу ситуации, се надевам дека го сфативте значењето. “Бериќат” што ме поканивте да бидам дел вашиот серијал.

Roomania: Од што црпиш инспирација и кој е рецептот за твој диџеј микс?

Главна испирација ми е дефинитивно природата и органските звуци што таа ги нуди. Додека истражувам нова музика, најголем фокус ставам на природните звуци. Рецептот зависи од локацијата и времето каде настапувам. Правам замисла како би се вклопила музиката во тој простор и време, па врз база на тоа го дефинирам миксот. Некаде одговараат праволиниски сетови кои не се целосно мој стил. Повеќе сакам да експериментирам со различни звуци што одговараат еден на друг и звучат добро како целина.

Roomania: Што мислиш за новиот начин на функционирање на клупската култура, дали стримовите, подкастите и гостувањата во радио емисиите можат да го заменат настапувањето во живо? Дали има разлика во музичката селекција како гостин во радио емисија и настап во живо?

Стримовите , подкастите и радио емисиите се супер , но нема споредба со настапите во живо. Музиката остана, но луѓето се оддалечија. На некој начин задоволен сум од овој период што направив соработки со радио емисии и снимив нови подкасти. Запознав нови љубители преку музиката со кои ќе соработувам понатаму. Настапите во живо се ограничени, но колку-толку добро е што нешто се прави, “бериќат”. Се надевам дека за брзо клупската сцена ќе се врати во нормала. Во музичката селекција се разбира дека постои разлика. За микс во радио емисија седам на столица и внимателно бирам и преслушувам траки,  додека настапите во живо се ‘’Go with the flow’’, на кои носам многу музика за секаков момент. Шо носи диџејот, не носи годината.

Roomania: Многу брзо пред да се случи ковид кризата, како освежување на македонската електронска сцена се појави клубот “Јагода” во Битола, каде ти беше резидент диџеј. Дали мислиш дека со појавата на овој клуб, се појави и нова енергија и заинтересираност за рејв културата? Кажи ни за клубот нешто што јавноста не го знае? После ковид кризата, дали ќе можеме повторно да танцуваме на тој подиум?

Клубот “Јагода” донесе големо освежување, пред сè, за градот во кој извесен период немаше каде да се продолжи после 1 часот по полноќ, а потоа и за клупската сцена во Македонија. Се појави голема заинтересираност и кај слушателите на денс електронската музика, но и кај диџеите од другите градови кои сакаа да настапат во клубот. Беше големо освежување и за мене како артист и љубител на рејв културата. За прв пат добив шанса да делам пулт со реномираниот светски диџеј “Еddie Richards”, на кој му оставив добар впечаток. За жал, освежувањето траеше кратко и со појавувањето на пандемијата се стопираа сите проекти и планови што беа направени. Среќен сум што има млада популација што ја сака рејв културата и сигурен сум дека сите нетрпеливо чекаат да се вратат на подиумот во Клуб “Јагода”.  Подиумот е спремен и не чека повторно да заиграме на него, а до тогаш ќе ги дополнуваме музичките катчиња со квалитетна музика.

Roomania: На твоите социјални мрежи, по видеата и сликите кои ги објавуваш, може да се забележи дека си страствен љубител на ролери и екстремно возење. Колку време се занимаваш со тоа хоби? Дали имаш настапувано на натпревар од таков тип?

Ролерите можам да кажам дека ми се прва љубов и ми го сменија начинот на размислување и целиот живот. Од мал имав голема желба за возење ролери, но немав можност да ги поседувам се до 14 години кога започнав сам да заработувам. Работев во перална за коли, со што првата плата ја искористив да купам агресив ролери. Потрошив многу труд и време, но добив многу повеќе од тоа. Сум учествувал на повеќе натпревари. Во 2010та година на “Мacedonian Inline Street Competition” освоив 3то место во аматери, на кој учествуваа возачи од целиот Балкан.

После 2012та година сцената на ролери полека згаснуваше и останавме малку возачи, а со тоа се намали и мотивацијата. Жалам што и јас неколку години не бев активен и излегов од форма , но беше што беше. Неочекувана мотивација за повторно враќање во форма ми се случи во 2018та година, на еден повик од Бугарија за учество на натпревар во Софија. Бев заедно со Димсуро, пред сè за дружба, но вредеше и искуството со возачи од цела Европа. Супер провод и се надевам во иднина на многу такви. Исто така среќен сум што започнавме проект со “BSC” (Bitola Skate Crew), што се надеваме дека ќе го комплетираме до крајот на годината без сериозни повреди.

Roomania: Каква музика слушаш најчесто додека возиш ролери?

Кога започнав да возам, најголема мотивација ми беа “ролерашките” видеа , па од таму ги црпев и целиот “филм” и музика што тогаш се појавуваше на видеата. Секој возач за себе, но, се слушаше различна музика. Од треш , метал, хип-хоп до The Clash и Neuvelle Vague. Со текот на годините и започнувањето да ‘’копам’’ музика таа навика ми се промени, бидејќи ми го одземаше фокусот за возење. Сега после вожња практикувам, ладно пиво и добро музиче.

Roomania: За крај, како би го опишал твојот микс за “Roomania”?

Мојот микс е комбинација на винил и дигитал. Сакав да го доловам моментот на еднодневна прошетка низ вселената, низ која има мирни и тензични моменти. На крајот од таа прошетка, сите се враќаат среќни и задоволни. Ќе ме разберете што зборувам слушајќи го миксот. Се надевам ќе уживате. 

BERRYQYAT SC
Автор:

Александар Митрик

Главен и одговорен уредник

Автор:

Александар Самарџиски

Главен и одговорен уредник