Интервју - Hernán Cattáneo
Со повеќе од 30 години искуство како диџеј, издадени 11 албуми, 30 синглови и повеќе од 50 ремикси, Хернан е име кое секогаш се издвојува од толпата. Квалитетот на неговите вештини за избор и продукција на музика му носат покани од најголемите светски етикети и многу резиденции на Ибица. Надвор од неговите достигнувања и признанија, постојат многу подлабоки мотивации што го придвижуваат да стане еден од најценетите музичари на Аргентина. Како еден од неколкуте рафинирани уметници што го достигнаа врвот, Хернан работи неуморно да и врати на сцената која го поддржуваше при неговиот подем. Познат по неговото постојано борење за место на сцената на идните уметници и лејблови, тој е величен поради тоа што ја истакнува следната генерација артисти и млади таленти. Преку неговите диџеј сетови, неговата сопствена етикета Sudbeat и неговата светски позната неделна радио емисија „Resident“, постојано ја поврзува глобалната заедница и обезбедува платформа што им овозможува на новите ѕвезди да “блеснат”. И додека неговата сопствена ѕвезда продолжува да “блеска”, можеби најголемата страст на Хернан лежи во оспособувањето на другите да уживаат во хаус музиката и во обликувањето на иднината на таа музика за следните генерации.
Во продолжение прочитајте го разговорот со Hernan Cattaneо и забележете во календар, неговиот настап на плажата Оревче е на 5ти Август:
Roomania: Здраво Hernan и добредојде на Roomania. Активен си на електронската музичка сцена повеќе од три децении, па би сакале да те прашаме која е тајната зад твојот успех? Како успеваш да останеш на врвот толку долго?
Здраво Roomania, благодарам на поканата. Мислам дека не постои вистинска тајна. Секој знае дека многу сакам музика и имам голема страст да ја споделам со другите, така што тоа го правам низ целиот свет, секој викенд толку долго. Тоа е главната причина што одамна започнав со диџејство во Аргентина и истата ме одржува на глобално ниво многу години подоцна. Оваа страст е како да имате супермоќ – Ви помага да минете низ “тешки времиња” и ве одведува на места за кои никогаш не сте ни сонувале.
Секој знае дека многу сакам музика и имам голема страст да ја споделам со другите, така што тоа го правам низ целиот свет, секој викенд толку долго.
Roomania: Како некој што однапред бил сведок на еволуцијата на електронската музика низ годините, дали мислите дека сме на добар музички пат ?
Музиката секогаш оди напред, но тоа не значи дека оди и на подобро. Навистина зависи од тоа кој се прашува. Многумина од постарите генерации понекогаш сметаат дека нивното време било подобро, но забораваат дека во нивните најдобри години и луѓето пред нив ја имале истата мисла. Јас секогаш се обидувам да најдам добра музика. Има премногу добра музика ако се посветите и копате длабоко. Можеби самата музика e помалку разработена сега отколку пред 20 или 30 години, но технологијата ни даде многу нови опции за многу подобро музичко искуство.
Roomania: Познат си по твоите продолжени сетови ширум светот. На кој начин се чувствуваш поудобно, настапувајќи во мал клуб или на голем фестивал? Колку долго е твоето „совршено“ време за сет?
Ми се допаѓаат и двата начини. Тое се тотално различни искуства. Малите клубови се совршени за долги сетови, подлабока музика и одлични музички патувања. За мене 6 часа е доволна должина, но сум пуштал музика 10 часа или повеќе, многупати во минатото. Фестивалите се генерално пократки, двочасовни сетови, бидејќи има многу други диџеи. Изборот на фестивалската track-листа има тенденција да оди повеќе кон поударните траки – повеќе „in your face music“. Тие се совршени за да се осети како е кога десетици илјади љубители на музиката можат да полудат на вистинската трака. Забавно е.
Roomania: Да настапуваш со продолжени сетови, треба многу музика која мора да ја знаеш прилично добро. На кој начин ја организираш твојата музика? Што ти помага за лесна навигација низ музичката колекција?
Најуспешен начин да пуштате квалитетна музика е да ги знаете вашите траки што е можно повеќе за да го искористите нивниот максимум. Слушам многу нова музика секој ден и ја ставам во различни папки – deep stuff, dark, melodic, pop траки, итн. Бидејќи живеам во Јужна Америка, секој викенд имам долги летови кои што ги користам за да ги слушам повторно сите нови музики и да ги запамтам. Авионите се совршени за тоа. Без телефон, без прекини. Само јас и музиката. Успешноста во долгите сетови се однесува на правилно програмирање на музичката библиотека. Колку подобро ја организирате и знаете вашата музика, толку поголеми се шансите да ги пуштите вистинските траки во вистински момент.
Колку подобро ја организирате и знаете вашата музика, толку поголеми се шансите да ги пуштите вистинските траки во вистински момент.
Roomania: Сведоци сме на твои b2b сетови со пријатели, од кои едниот беше на „DJ Awards 2019“, со продуцентот и колега диџеј, Ник Ворен. Во што уживаш повеќе, настапувајќи сам или b2b настапи? Можеш ли да именуваш некои незаборавни b2b сесии?
Уживам и во соло диџејство и b2b сесии, двете се добри на свој начин, и имам среќа што имам убав баланс во распоредот. Кога настапувам соло, очигледно одам во правецот кој го чувствувам и сам ги преземам сите одлуки и пресврти. А ако правам b2b сесија со вистинскиот партнер, тоа е навистина преубаво искуство. Ник и јас го правиме тоа подолго време и, и ние и публиката уживаме многу во тоа. Направивме многу незаборавни б2б сесии во Аргентина, Амстердам, Гластонбери, Ибица, Ливерпул, Австралија, “Burning Man” и многу други. Никогаш не зборуваме за музика пред настап. Одиме спонтано и се потпираме на довербата што ја имаме еден во друг. Тој е еден од моите најмили пријатели. И кога не настапуваме, навистина уживам да поминуваме време заедно.
Roomania: “Sudbeat” објавува квалитетна музика од квалитетни уметници како што се Guy J, Henry Saiz, Danny Howells итн. Како дојдовте до името на етикетата? Што е следно за вашата етикета? Дали може да откриете претстојни изданија? Нови уметници?
“Sud” на шпански значи југ, или Sudbeat, во превод нешто како „ритамот на југот“. Оваа недела го достигнавме 200-тото издание, па затоа сме презадоволни од нашиот нов сингл од „Soundexile & Paula OS“. Нашите пријатели Cid Inc & Dmitry Molosh имаат ново издание со силен ремикс од Navar, а потоа и новото EP на мојот партнер Грацијано Рафа. Има многу одлични уметници кои доаѓаат и на изданието „Showcrates“ ADE.
Roomania: Само со слушање на твоите траки, може да се забележи дека има многу емоции во нив. Дали имаш некој посебен ритуал кога правиш музика? Дали треба да бидеш посебно мотивиран на одреден начин за да го добиеш она што го сакаш од една продукција? Колку време ти е потребно за да креираш песна?
Јас сум главно диџеј, а не музичар, но точно знам како сакам да звучат нашите продукции и затоа секогаш работам со вистинските партнери и пријатели за продукција за да го постигнам тоа. Имам јасна идеја за траките и станува збор за наоѓање на звуците и нивно правилно функционирање едни со други. Тоа е забавна работа што вклучува многу обиди и тестирање за да видите што работи подобро.
Roomania: Прогресив хаус е стилот кој те одбележува најмногу. Дали некогаш си пуштал други стилови на музика? Кога не се подготвуваш за настап, каква музика слушаш?
Моите почетоци се уште во деновите на диско музиката, па тогаш сè се вртеше околу тој звук. Поп од 80-тите, а потоа и раната хаус музика, есид хаус, техно, транс и конечно прогресив хаус на крајот на 90-тите. Јас сè уште миксам многу жанрови во моите сетови. Секогаш инсистирам на тоа дека прогресивот, според мене, е повеќе од стил на музика. Тоа е начин на миксање музика каде што може да се мешаат сите видови стилови, но на многу суптилен начин. Освен клупска музика, слушам голема разновидност на звуци – од прогресивен рок, реге, фанк, соул, џез – и секако многу музика што ја сакаат моите 3 ќерки дома. 🙂
Roomania: Ова не е првпат да настапуваш во Македонија. Што мислиш за клупската култура тука? Кои се твоите размислувања за тоа како можеме да ја подигнеме сцената во нашата земја?
Неколку пати сум бил во Скопје и последниот пат бев на плажа, правевме хуманитарен настан со Nick и Jansky пред неколку години. Јас навистина ја сакам енергијата и ентузијазмот на публиката. Тој свеж дух не е вообичаен насекаде и ја прави забавата екстра посебна. За секоја сцена е потребно време да се развие. Затоа, мислам дека кога ќе се вратиме во нормалниот живот и вие момци продолжите на вистинскиот пат, работите ќе бидат се подобри и подобри.
Roomania: Твојот настап на плажата Оревче е закажан за 5-ти август. Што може да очекува публиката од вас?
Навистина со нетрпение чекам да се вратам! Доаѓам со моите папки полни со длабоки мелодиски грувови, летни траки и позитивна енергија. Сигурен сум дека сите ќе си поминеме убаво.
Ти благодариме Хернан за искрените одговори. Ти посакуваме многу распродадени настани ширум светот. Се гледаме на Оревче.