Во прекрасниот град Струмица, на споменикот “Костурница”, ќе се случи музички субверзивен електронски фестивал. Настанот е насловен Monumental Festival и ќе биде вистинско патување низ електронски жанрови, со звуци што го надминуваат времето и не носат во модерната иднина. Од минимал и хаус до техно, фестивалот ќе биде платформа која ќе го прикаже богатството и разнообразието на македонската електронска сцена и во исто време ќе ја врати вредноста на споменикот “Костурница“, која како локација заслужува да биде честа дестинација за посетa и внимание. Организатори на фестивалот се здружението за поттикнување и развој на алтернативната музичка сцена, уметност и култура “КОМОН СЕНС”. Вo продолжение, разговор со Љупчо Богоев и Игор Циге околу идеите и подготовките за фестивалот.
Како се роди идејата за организирање на Monumental Festival?
Игор Циге: Кога си со истомисленици, идеите често водат во ист правец и кон иста цел. Така и оваа идеја за фестивал на споменикот “Костурница” беше едногласно потврдена од моите соработници и се насочивме кон реализација.
Зошто избравте да го организирате овој фестивал на локација како што е Спомен Костурницата?
Игор Циге: “Спомен Костурница” е едно од најубавите места во градот. Интересно е што е заборавено од многумина, а има навистина историско и културно значење. Избравме да го правиме фестивалот баш на оваа локација со цел да го вратиме сјајот на споменикот.
Како ги надминавте предизвиците поврзани со организирањето на настан кој вклучува такво специфично место на одржување?
Игор Циге: Предизвиците сеуште се тука и со нив ќе се соочиме при техничките припреми на самата локација. Логистичката достапност е тешка, невозможно е возило да стигне до самиот споменик. Но, љубовта и ентузијазмот да го организираме фестивалот баш на ова место се навистина големи и веруваме дека ќе ги оствариме сите замисли перфектно.
Што го прави овој настан посебен?
Игор Циге: Настанот, сам по себе ќе биде посебен и несекојдневен. Самиот поглед од споменикот е совршен и ви ги полни очите со раскошната панорама на околината на Струмица.
Што е “Комон Сенс” и која е неговата улога во организирањето на фестивалот? Кој е тимот кој стои позади здружението?
Љупчо Богоев: “КОМОН СЕНС” е здружение за поттикнување и развој на алтернативната музичка сцена, уметност и култура. Во буквален превод означува “здрав разум”, но во коренот на англискиот збор означува “заедничко чувство”. Улогата на ова здружение е да ги зближи луѓето. Да го открие тоа заедничко чувство за подобар свет во кој сите сакаме да живееме, преку настани со квалитетна и модерна музика на локации кои заслужуваат да блеснат во такво светло, под “рефлекторот на вниманието”. Тимот кој стои позади здружението дефинитивно ќе се залага за подобрување на опшеството со различни активности и со цел да инспирира млади луѓе кои ќе ни се приклучат со креативни идеи.
Каква музичка програма да очекуваме на Monumental Festival?
Игор Циге: Електронската музика е инспирацијата на сите наши идеи. Тоа е изворот на енергија која непрекинато не полни со ентузијазам и ни дава нови цели за достигнување. За првото издание на Monumental Festival направивме селекција на една многу активна диџеј екипа на македонската електронска сцена. Сите артисти кои ќе настапат на фестивалот се искусни во својата работа и е чест и задоволство да се слушаат миксовите од селекцијата која пребирливо ја прават пред секој настап. Ќе имаме чест да ги слушнеме диџеј миксовите на CLub Member, Bojan Hadzi, Mitrik & Samardjiski, Dado K & Mamli, Flooder, Lesya И Igor Cige
За успешно организирање на настан на значајна локација, веруваме е побарано одобрение од општината и градоначалникот. Каква е вашата соработка со локалните власти и колкава е нивната поддршка за вакви настани?
Љупчо Богоев: Секако дека е така, побаравме одобрение од општината. Голема благодарност до градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов и Музејот на град Струмица, што ни го овозможија просторот околу споменикот и ја поддржаа целосната иницијатива, за цели што се од наш заеднички интерес, во полза на сите граѓани, пред се младите.
Каков импакт очекувате да има Monumental Festival на алтернативната музичка сцена и уметноста во регионот?
Љупчо Богоев: Пред се, очекуваме фестивалот да помине во најдобар ред и според замислата. Да се надеваме дека нема да се случат непредвидени работи кои би ја отежниле организацијата. Посакуваме овој фестивал да биде задоволително посетен и ентузијазмот и љубовта кои ги вложуваме да бидат препознаени од нашите сограѓани. Да не поддржат и да ни се придружат бидејќи сето ова го креираме за сите нас. Од уметничка перспектива, нека вакви настани ги инспирираат младите луѓе да бидат креативни души и да истражуваат квалитетна музика.
Порака или покана од Вас до читателите?
Упатуваме поздрав и покана до сите читатели на рооманиа.мк да дојдат на нашето прво издание на Монументал фестивал. Фестивалот е бесплатен и ветуваме ќе има добра забава и музика. Како што напоменавме погоре, локацијата е прекрасна и погледот уникатен, тие што ќе не посетат ќе се чувствуваат посебно и слободно. Да го направиме овој фестивал традиција и место кое ќе ја стави Струмица на мапата со квалитетни електронски доживувања. За повеќе информации нека го следат нашиот профил на КОМОН СЕНС, таму ќе ги објавуваме сите детали за фестивалот.