ЈУБИЛЕЈ! 30 години ДЈ Мирко Попов

Поканети се неколку извонредно важни имиња за сцената, кои ќе се претстават со свои диџеј сетови. Имиња битни за постанокот, развојот, сегашноста и иднината на македонската електронска музичка сцена.

Нема бегање од ЈУБИЛЕИТЕ. Од една страна тоа е показател дека времето минува, а ние старееме, од друга страна пак, извонредна можност за ретроспектива и проверка колку вреди она што го оставаме позади себе. Јас активно делувам на сцената токму 30 години, пред се како диск џокеј, но истовремено и како организатор, иницијатор, промотер, издавач, композитор, ремиксер, член на повеќе бендови, текстописец, самостоен политички чинител, ентузијаст и општ играч за се.

Овој петок, на 15 јули, со почеток во 21 часот, во паркот позади МКЦ Скопје, ќе прославам 30 години кариера. Поканети се неколку извонредно важни за сцената имиња, кои ќе се претстават со свои диџеј сетови. Имиња битни за постанокот, развојот, сегашноста и иднината на македонската електронска музичка сцена.

OGI BALANCE е една од клучните фигури на македонската електронска сцена, повеќе од 20 години. Промотер, круратор, издавач, организатор, иницијатор, продуцент, диск џокеј и визионер. Неговиот Balance стои позади некои од најрелевантните и најквалитетни настани на електронската сцена кај нас. Од некои фантастични журки низ децениите, преку преводот на Електрошок од Лорен Гарние и некои легендарни детроит фаци по филхармониите низ Европа и дома, до популаризација и давање континуитет на сцената со неговите локали Излет, Сектор итн… Оги најавува и прво музичко издание деновиве како композитор, со што ќе даде поприлично елегантен допир на една сјајна трансформација низ годините.

NINO FLOODER е еден он најприсутните и најомилените домашни диџеи. Постојано во потрага по нешто ново и возбудливо, неговото име е синоним за добар жур и топ расположение кај публиката. Во текот на неговата кариера, имал можност да сподели диџеј кабина со имиња како: Carl Cox, Richie Hawtin, Nina Kravitz, Solomun, Peggy Gou, Charlotte De Vite, Kittin, Moodymann, Ben Klock, Umek, Deetron, Valentino Kanzyani, Matthew Johnson, AME и многу други. Нино Флодер е неодминливо име на сцената, дел од мојата диџеј историја и ќе ми биде големо задоволство да го слушнам на јубилејот, овој петок во паркот позади МКЦ.

СОЊА ИСМАИЛ на шала – на смеа, без престан, пушта музика од 1ви април 2006та година. Музиката која ја пушта, не би сакала да ја става во некакви уштиркани рамки, или сериозни жанрови. Важно е да се искршите од играње во текот на ноќта на супер жестоко техно, заебани басови, диско за шизење, поп песни, што и да е… важно да сте насмеани на подиумот за танц. Диџејството е нејзината единствена идентитетска одредница, што искрено ме воодушевува. На мојот јубилеј, Соња неофицијално ќе го претставува МКЦ, една од клучните куќи за развојот на домашната музичка и културна сцена.

ЗОКИ БЕЈБЕ е неодминлива појава на скопската (и македонска) поп култура во изминативе три децени. Врвен скопски социјалит, музички радио-тв ентузијаст уште од 90тите години на минатиот век, популарен диск џокеј и секогаш добар пријател. Неговиот лик и дело се редовен урбан декор на Скопје, а неговите настапи секогаш привлекуваат внимание. Нималку случајно на списокот на диск џоеки кои ќе ве забавуваат во паркот позади МКЦ, каде овој петок прославувам/е 30 години лудување по журки.

МАЧКИ (POLLUX, Epicentar) го запознав во еден од најдобрите, сега веќе култни скопски “техно“ простори, локалот Клупче. После Метропол, за мене Клупче ќе остане “местото“ за техно у градов: темно, магливо, не баш легално и преполно ослободена градска екипа, желна за квалитетна забава. Мачки е диск џокеј, club/bar owner и многу добар соработник. Човек кој свој живот го поистоветил со ноќниот живот и токму затоа е дел од овој за мене многу битен настан.

МИТРИК е претставник на младата генерација на диск џокеи, кој е присутен на овој јубилеј пред се поради големиот ентузијазам и одличната работа со мултимедијалната платформа Roomania, единствена од таков тип кај нас. Не помалку е тука и поради извонредниот пробив кој го оствари на сцената со неговата екипа Room 313 во последниве неколку години… и нормално, поради одличниот избор на електронска музика за танц. Како поискусен (океј, постар:) колега, вистинска привилегија е да се видат нови сили кои искрено и продлабочено ја разбираат електронската сцена овие денови.

МАРКО РИКАЛОСКИ е млад, убав, висок, згоден и една од моите омилени нови фаци на електронската сцена во Скопје. Носи супер свежа енергија и е редовен по реномираните скопските локали, каде се врти квалитетна андерграунд танц музика. Инспириран е од широк музички спектар кој опфаќа класични денс-флор жанрови како техно и електро, се до повеќе опскурни ретро-футуристични експериментални продукции. Неговите музички познавања ги надминуваат рамките на електронската музика, а работи и на сопствена продукција. Неговото присуство и секогаш ведриот дух дефинитивно ќе го расположат овој убав јубилеј.

ВИОЛЕТА КАЧАКОВА, во последнава декада се вгради во корпусот на севкупната работа на ПМГ Рекордингс која е импозантна, се одвива во позадината, но не е баш видлива “од напред“. ПМГ Рекординга со сите сублејблови има френетично темпо на реализација, па без неа сето ова што го гледате низ годините, едноставно не би се случило така. Сепак, госпоѓицата Качакова, на овој јубилеј е поканета поради нејзиниот извонреден музички вкус и и способноста да го вообличи во фантастичен диџе сет.

МИРКО ПОПОВ… Баш бев мал во 1982ра кога почнав да пуштам музика на сите школски родендени кои ги славевме као клинци. Точно 10 години подоцна го добив првиот професионален диџеј букинг, Пиже и Зеко (слава им) ја држеа Мала Хавана у Парк и некако поверуваа дека е океј да ми даат да пуштам музика. Од тој момент па до денес не сум застанал и ќе се осмелам да речам дека имав диџеј кариера од соништата. Би можел да земам да редам што све сум направил и постигнал, но мене тоа ми е малку досадно да го кажувам. Секогаш се трудам да бидам цврсто збоден у сегашноста, со очи широко вперени во иднината.

Ова е прв и најголем настан во серијата настани со кои ќе одбележам 30 години професионална диџеј кариера. Со мене ќе настапат некои од најзначајните имиња на домашната електронска сцена. Луѓе кои како диск џокеи, но и како личности и културни дејци, значајно придонесоа сето ова да постои токму овака како што е денес. И за тоа ИМ БЛАГОДАРАМ.

Диџеј е супер занимање, кое во последниве 30 години кај нас (и во светот) доживеа неверојатна експанзија и трансформација. Овој серијал на настани е замислен како едно големо заедничко преиспитување на феноменот. Меѓу другото ќе снимаме и видео запис за мојот нов сингл, кој ќе излезе на есен под наслов: Диџеј.

Влезниците во претпродажба и се до денот на настанот ќе чинат 300 денари. Ситница.